• понеделник, 23 декември 2024

Ристов: Нов градски пазар, луна парк и поволности за инвеститорите во Радовиш

Ристов: Нов градски пазар, луна парк и поволности за инвеститорите во Радовиш
Радовиш, 4 октомври 2021 (МИА) - Јасно дефинирана цел за развиен, напреден, добро уреден и независен Радовиш, чии граѓани повеќе нема да одат на работа во соседните општини бидејќи 30 години во градот не е изградена фабрика за масовно вработување, вети на денешниот митинг Ацо Ристов, кандидатот за градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ. Пред своите сограѓани Ристов вети нов културно-деловен центар со подземен паркинг за 200 возила, деловни простории, угостителски објекти, затворен мултифункционален атриум за 1500 луѓе, галерија и дел за домување. Соопшти дека ќе направи комплетно нов градски пазар со што ќе се реши долгогодишниот проблем на земјоделците и граѓаните кои, како што рече, досега  купуваат и продаваат производи во услови како во 19 век. - Со проектот нов градски пазар со рекреативен центар конечно ќе се реши деценискиот проблем во Радовиш од потребата од уреден простор, каде сите радовишани ќе најдат по нешто за себе од понудените содржини. На локацијата под Канлиевата воденица на само 500 метри од Радовиш, на површина од 10 хектари, ќе никне парк за рекреација со зеленило и урбана опрема за најстарите, детски луна парк за најмладите и спортски терени, велосипедска патека, базен, дискотека, ресторан и ново место за рекреација и спорт за сите граѓани, истакна Ристов. Како најважен проект го посочи „Радовиш – енергетски независен град”, со кој радовишани нема да плаќаат улично осветлување и секој граѓанин ќе добие субвенција од 50 отсто доколку изгради фотоволтаик за сопствени потреби до 50 киловати за својот дом, доистражување на геотермалниот потенцијал на топлата вода во Раклиш од каде се можни проекти за затоплување и бањски туризам, како и стратешка цел за гасификација на Радовиш. Врвен приоритет, рече Ристов, ќе биде отворањето нови работни места, а со проектот „Развиена индустрија – развиен град” ќе им се обезбеди инфраструктура за сите потенцијални инвеститори. - Ќе ги деблокираме сите блокирани локации во постојните индустриски објекти. Сите слободни државни локации за изградба на објекти, во принцип едно евро за метар квадратен и замена на комуналии со можности за вработување ќе понудиме на бизнис-заедницата и странските инвеститори. Ќе следува отворање на градежна експанзија на капитални проекти во што ќе бидат вклучени сите наши градежни фирми кои работат во Радовиш. Ќе следува едукација и преквалификација на занимања за потребите на индустријата и воведување работна пракса за средношколците, а за најмалите ќе обезбедиме бесплатен оброк за секое дете до шесто одделение, истакна кандидатот за градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ. хс/ цр      

Остани поврзан