Ристовски за ЕМОФ: Вистински празник за очи се илјадниците млади спортисти од цела Европа дојдени во Македонија
- Министерот нагласи дека овој собир, на кој учестуваат над 4.000 млади спортисти од 49 земји во Европа и на кој Македонија како домаќин е застапена со 181 натпреварувач во сите 15 дисциплини, е исклучително важен спортски настан кој значи промоција на Македонија во светот, но и промоција на вистинските спортски вредности меѓу младата популација.
Скопје, 23 јули 2025 (МИА) - Министерот за спорт, Борко Ристовски, на прес-конференција по повод Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025 денеска изјави дека настанот е „вистински празник за очи“ и голема придобивка за македонскиот спорт.
Министерот Ристовски нагласи дека овој собир, на кој учестуваат над 4.000 млади спортисти од 49 земји во Европа и на кој Македонија како домаќин е застапена со 181 натпреварувач во сите 15 дисциплини, е исклучително важен спортски настан кој значи промоција на Македонија во светот, но и промоција на вистинските спортски вредности меѓу младата популација.
-Она за што се залагам и јас како министер за спорт е да инспирараме што повеќе млади деца да спортуваат. Оваа голема спортска манифестација е вистински празник за очи бидејќи на едно место, тука во Македонија имаме толку многу млади спортисти од цела Европа. Од овој настан ќе имаме голем бенефит и како држава и како спортска нација. Не се случува секој ден над 4.000 млади спортисти да се натпреваруваат овде во нашата држава и да имаме најбројна наша македонска делегација како домаќини на овој настан. Се надевам дека од нив ќе излезат идни олимпијци кои еден ден со изборени норми ќе настапат и ќе се натпреваруваат на Олимписки игри, рече Ристовски, на кого денеска му беше доделено признание од Европскиот олимписки комитет.

Министерот за спорт истакна дека за државата, МОК и Министерството е важно да се покаже капацитетот за организација на големи спортски натпреварувања, охрабрувајќи ги федерациите да аплицираат за европски и светски настани за кои, како што рече, освен логистичка, Министерството ќе обезбеди и финансиска поддршка.
-Како Министерство и како држава си земаме обврска да го поделиме најтешкиот дел, а тоа е финансиската поддршка за организација на големи спортски натпреварувања. Организацијата на вакви големи натпреварувања од ранг на европски и светски првенства има големи финансиски побарувања и вообичаено тоа е најголемиот проблем. Веќе имаме разговори со боречката и со ракометната федерација кои со уште неколку земји од регионот поднесоа барања за организација на големи натпреварувања. Ние како држава и како Министерство за спорт стоиме на располагање да помогнеме во секој дел каде што е потребно, за да ја добиеме организацијата на тие и на други спортски натпреварувања од највисок ранг, рече Ристовски одговарајќи на новинарско прашање.
Спирос Капралос, претседател на Европскиот олимписки комитет, сподели импресии од досегашниот тек на Европскиот младински олимписки фестивал во Скопје.
-Натпреварите се стримаат во живо низ цела Европа и имаме добар рејтинг првите два дена. Вчера за атлетика имавме сто илјади прегледи. Огромни бројки се во прашање и со тоа може да се види колку овој настан е важен за Европа, посочи тој.
Даниел Димевски, претседател на организацискиот комитет и Македонскиот олимписки комитет, ја истакна важноста за државата и спортскиот успех.

-Верувам дека во двата дена што следат ќе бидеме впишани и ние во листата на медалисти, во меѓувреме, падна националниот рекорд во пливање. Градиме мрежа и ја претставуваме нашата држава во најдобро светло, но имаме и мисија нашите млади генерации да се поврзат со Европа, рече тој.
Линеи Халдорсдотир, претседателка на Комисијата за ЕМОФ, го подвлече предизвикот на организацијата.
-Изминатите две години беше напорна работа, сите работевме напорно. Нема лесна задача да се организира настан, но е предизвик. Овој е најголем ЕМОФ што сме го приредиле. Ова е патот за младите атлети до поголеми и посветли сништа, рече таа.
Матеа Поповска, македонска одбојкарка, изрази задоволство од условите на фестивалот.
-Условите се идеални, атмосферата е супер и баш поради овие услови спортистите можат да даваат сѐ од себе, посочи таа.
На досегашните натпревари беше поставен и нов светски рекорд во скок со стап во младинска конкуренција, од страна на Естонката Алика Инкери Мосер која прескокна височина од четири метри и 52 сантиметри во арената „Тодор Проески“, надминувајќи го досегашниот рекорд на Американката Аманда Мол за еден сантиметар, кој беше остварен пред три години.
Таа на денешниот настан истакна дека и е чест и задоволство што е дел од фестивалот и што успехот го постигнала токму тука.
Во текот на оваа недела, Скопје, Куманово и Осиек се домаќини на најголемиот досега Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ), кој собра над 4000 млади спортисти од 49 земји и тимот на бегалците. ар/вг/
Фото:МИА