• петок, 05 декември 2025

Ристески од Штип: Објавен оглас за обука на работно место кај конкретен работодавач

Ристески од Штип: Објавен оглас за обука на работно место кај конкретен работодавач

Штип, 18 јуни 2025 (МИА) - Во Штип денеска се одржа информативен ден за запознавање на јавноста со мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.

Пред претставниците од стопанските комори, здруженија на млади и голем број на заинтересирани граѓани, пратеници и претставници на локалните самоуправи од Штип и регионот, мерките од планот ги презентираа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, градоначалниците на општините Штип и Свети Николе, Иван Јорданов и Дејан Владев, директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништво, Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова.

Заменик-министерот Ристески покрај за трите јавни повици кои беа објавени во текот на вчерашниот ден поврзани со мерката - Поддршка за самовработување (претприемништво), се осврна и за јавниот повик за третата мерка Обуки – под мерка „Обука на работно место кај конкретен работодавач“.

- Вчера Агенцијата за вработување го распиша и четвртиот јавен оглас за мерки од Оперативниот план за вработување, а тоа е дел од обуките кои се реализираат со планот. Станува збор за подмерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ со која на невработените лица им се овозможува обука во времетраење до три месеци  во работните простории на работодавачите согласно Програма за обука. Во овој период на невработеното лице ќе му биде исплатен месечен паричен надомест од 12.000 денари месечно со вклучено осигурување и данок на личен доход за времетраењето на обуката до три месеци, додека работодавачот има обврска  да вработи најмалку 50 отсто од  вклучените лица  во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци. На работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 25.000 денари по обучено лице позавршена обука,  изјави Ристески.

Тој додаде дека целта на оваа мерка од Оперативниот план е невработените лица да се стекнат со вештини за извршување на работните задачи во согласност со потребите на работодавачот, а со тоа и да се овозможи нивно вработување во истите компании. Оваа мерка ќе опфати 245 невработени лица, со фокус на корисници на гарантирана минимална помош, жени, Роми, млади до 29 години, лица со попреченост и долгорочно невработени.

Градоначалниците на Штип и Свети Николе,  Иван Јорданов и Дејан Владев, ги поздравија мерките од Оперативниот план за вработување и ги повикаа сите заинтересирани невработени лица - активни баратели на работа да аплицираат и да ги искористат поволностите од мерките од Оперативниот план.

- Она коешто е наш приоритет и верувам дека преку ваквата стимулација и мотивација се повеќе младите луѓе ќе ја препознаат можноста и ќе отворат пат по којшто ќе создаваат вредност во економијата и општеството, рече Јорданов.

Градоначалникот на Свети Николе, Владев истакна дека пред да стане градоначалник 16 години работел во Центарот за вработување во Свети Николе и детално е запознаен со Оперативниот план.

-Можам да заклучам дека Оперативниот план на Агенцијата за вработување е многу збогатен и поволен и ги охрабрувам сите невработени лица од Општина Свети Николе, да дојдат во просториите на Центарот за вработување и да учествуваат во активната мерка самовработување, а којашто овозможува одлични услови, рече Владев.

Заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова денеска во Штип рече дека годинава Оперативниот план за активни мерки за вработување е со најголем буџет и со најголем планиран опфат на учесници во него или 16.500 учесници во сите активни мерки.

-Активните мерки во Оперативниот план се израз на нашата заложба за намалување на невработеноста, за поттикнување на вработеноста и создавање на одржливи работни места. Во Оперативниот план за 2025 година во фокусот, секако се најзастапени младите до 29 години, рече Пешова.

Директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништво, Даниела Димовска изјави дека секој којшто сака да аплицира за мерката самоврабтување мора да посети дводневна обука, со што ќе се зголеми и претприемачкиот дух. Таа истакна дека потоа следи поврзување со советник од Агенцијата, за да се изработи бизнис планот.

Јавните повици за мерката самовработување претприемништво траат до 20 јуни петок, додека повикот за „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ трае до 30 ноември 2025 година. вдј/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан