• вторник, 24 декември 2024

Рибароски: Реални се цените од новиот тарифник за геодетите, Катастарот ги маскира своите поскапувања

Рибароски:  Реални се цените од новиот тарифник за геодетите, Катастарот ги маскира своите поскапувања

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) - Апсолутно реални се цените со новиот тарифник за геодетски работи што стапи во сила на 15 февруари и се врз основа на трошоците кои секоја геодетска компанија ги има во рамки на еден месец, но со него Катастарот ги маскира неоснованите поскапувања на своите сервиси, оцени денеска Никола Рибароски, претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи. 

Поскапување на цените на услугите, како што рече, има за 50 проценти, 70 проценти, до максимум 90 проценти, а не 300 проценти како што имало во некои објави.

- По цели 10 години и четиригодишна сага добивме нов тарифник. Доколку се слушаше Комората, тарифникот ќе се носеше етапно на две-три години  и немаше да има вакво нагло поскапување. Цените што се сега предвидени се многу пореални од претхоно. Претходно имавме цени кои беа апсолутно нелогични, врз основа на сите трошоци, инфалцијата. Се случуваше геодетските компании да наплаќаат одредена услуга и 50 проценти да ги дадат на Агенцијата за катастар на недвижности, бидејќи секоја компанија  е должна да користи податоци од Катастарот.  Токму тоа е причината што речиси 50 приватни геодетски компании на државно ниво едвај преживуваат, рече Рибароски. 

Тој најави дека во наредниот период ќе објави детали „како се опструирало носењето на тарифникот“. 

Носењето на новиот тарифник по цели 10 години, се маскира со повторните неосновани енормни поскапувања на  Катастарот кои се однесуваат на нивните сервиси и кои се директен удар на џебот на граѓаните, рече Рибароски. 

Рибароски рече дека Катастарот прави маркетинг со тврдењето дека ја намалиле цената за податокот точка од референтна мрежа, бидејќи, како што рече, претходно го зголемила од 66 денари на 409 денари, сума што ја наплатуваат геодетските компании од граѓаните.  - Тоа е непотребен податок на товар на граѓаните, посочи тој.

Наведувајќи пример со цената за впишувањата во имотни листови за нова зграда, рече дека „не  е јасно како е најдено решението да наплаќаат 1250 денари по имотен лист“.

Според Рибароски, раководството на АКН пред четири месеци повторно и ги одзела овластувањата на Комората и сега си ги препишала заслугите за новиот тарифник на кој геодетските друштва инсистирале подолго време. Овластувањата им биле одземени и во 2021 година, но како што рече, тогаш Комората по судски пат, најпрво со времена мерка, а потоа и со конечна пресуда си ги вратила назад. 

-Причината за одземањето на јавните овластувања е тоа што директорот на Катастарот избегнува да го почитува мислењето на Државната комисија за спречување на корупција која утврди дека во Управниот одбор на Комората не треба да има тројца претставници на Агенцијата, поради постоење на судир на интерес, за што побара да се направат и итни законски измени. По овој став на Комисијата, претставниците на Агенцијата престанаа да доаѓаат на седниците на Управниот одбор, по што Собранието на Комората ги разреши од функциите, објасни Рибароски. 

Катастарот, посочи, си донесе правилник по своја мерка и сега сам ќе си предлага и одзема лиценци, што е противзаконски упад во ингеренциите на Комората.

Поради ова ќе има по две лиценци, една издадена од Комората, а друга од Катастарот. Со тоа доаѓаме до ситуација да има парарелни геодетски компании што е збунувачки и е нарушување на правниот поредок, рече Рибароски. 

Новиот тарифник за висината на надоместот за извршените геодетски работи од страна на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи е во сила од 15 февруари, а според АКН, со него се врши изедначување на зголемените реални трошоци и цените кои друштвата ги наплаќаат за вршење на своите услуги.  Според Катастарот, зголемувањето на цените се јавило како потреба заради зголемените реални трошоци (струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите и сл.), кои се основа за пресметување на надоместокот, а се однесуваат за извршување на геодетски работи. лв/бак/

Фото: МИА 

 

 

 

Остани поврзан