• сабота, 23 ноември 2024

Рејндерс: Бевме изненадени од недостигот на ефективна дебата пред носењето на измените на Кривичниот законик

Рејндерс: Бевме изненадени од недостигот на ефективна дебата пред носењето на измените на Кривичниот законик

Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) – Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс вели дека биле изненадени од недостигот на ефективна дебата пред носењето на измените на Кривичниот законик и најави средби на билатерално ниво за да се обезбеди добра пракса во однос на истрагите и кривичното гонење на случаи од висок профил, за реформите во законот и за капацитетот за гонење на овие случаи во иднина, како и за ситуацијата со Судскиот совет.

Прашан каков е ставот на Европската Комисија за последните измени на Кривичниот законик, имајќи предвид дека многу предмети против висок профил на функционери завршија без пресуди, Рејндерс рече дека денеска имале средба со сите партнери од Западен Балкан, додека во однос на реформите ќе имаат средби на билатерално ниво.

-  Има два-три елементи тука. Прво бевме изненадени од недостигот на ефективна дебата и консултации за таква реформа. При носењето на промената, секогаш велам дека е важно да се разменат ставови со ЕК пред носењето на таков тип на законодавство. Како што реков, со некои земји секако треба да бидеме воздржани, да се избегнува донесување на закони со европско знаменце по брза постапка, изјави Рејндерс, на заедничката прес-конференција со министрите за правда на Шпанија и на Северна Македонија, Мариа Пилар Лоп Куенка и Кренар Лога.

Дополнително, посочи Рејндерс, ќе се разговара и за ефектот од тие измени и дополнувања, за тековните случаи на корупција од висок профил.

-  Намалувањето на казните и застарувањето ќе значи неосудување. Секако, ние сакаме да добиеме одговор, да продолжат кривичните гонења. Тоа, секако ќе биде дискусија на билатерално ниво. Изразивме мислење, за тоа имаме загриженост во однос на кривичните гонења. Во однос на содржината, секако сакаме, прво да се осигури да не изостане кривично гонење на случаи од висок профил. Она што веќе го видовме изминатите месеци, изјави Рејндерс.  

Прашан каква е оценката за правосудниот систем во земјава, со оглед на големиот број предмети поврзани со организиран криминал кои застарea и се уште не се завршени, Рејндер рече дека, целосна оценка за тоа ќе даде извештајот на Комисијата што ќе биде објавен до крајот на следниот месец.

- Но, само две забелешки. Она што го кажав за кривичните судови, треба да има добра пракса во однос на истрагите и кривичното гонење на случаи од висок профил. Тоа ќе биде дел од дискусијата на билатерално ниво, не само за Кривичниот суд, туку и реформите во законот и за капацитетот за гонење на овие случаи во иднина, како и за ситуацијата со Судскиот совет и оние промени што беа направени, изјави Рејндерс.

Во однос на Судскиот совет, Рејндерс посочи дека е важно да се организира добар процес, препорака што ја даваат и на земји членки.

- Тука, мислам на извештајот за владеење на правото на земјите членки. Бараме и од земјите членки да направат реформи, а истото го правиме и со партнерите од Западен Балкан, изјави Рејндерс. аа/ац/

Фото: МИА

 

Остани поврзан