• среда, 25 декември 2024

Речиси преполовена пловидбата по Суецкиот канал

Речиси преполовена пловидбата по Суецкиот канал

Њујорк, 23 февруари 2024 (МИА) - Пловидбата низ Суецкиот канал е намалена за 42 отсто во јануари во споредба со најпрометниот месец во 2023 година поради честите напади на бродови во Црвеното Море, објави Агенцијата за трговија и развој при Обединетите нации (УНКТАД).

Низ Суец во јануари поминале 1.338 бродови, што е за 42 отсто помалку од мај минатата година.

Идентичен пад е забележан и кога станува збор за пловидбата низ Панамскиот канал поради сушата која го намали нивото на водата, се наведува во соопштението, акцентирајќи дека транзитот низ Суецкиот канал е намален во последните два месеци, додека во Панамскиот канал се намалува веќе две години.

Јеменското движење Хути или Ансар Алах напаѓа бродови поврзани со Израел во Црвеното Море, барајќи прекин на израелските воени операции во окупираниот палестински Појас Газа и испорака на хуманитарна помош за Палестинците.

Соединетите Американски Држави и Велика Британија возвратија со напади врз цели во Јемен, а милитантната група одговори со таргетирање на американски и британски бродови.

Поради ризикот од напад, многу комерцијални бродови сега го заобиколуваат Црвеното Море и пловат околу ’Ртот на Добрата Надеж, според УНКТАД, истакнувајќи дека до средината на февруари, 586 контејнерски бродови биле пренасочени на таа многу подолга рута, со пад на обемот на товар во транзит низ Суецкиот канал за 82 отсто. ссм/

фото: архива

Остани поврзан