Речиси две илјади посетители во Собранието во изминатите два месеца
- Речиси две илјади граѓани, во најголем број ученици и нивните наставници, како и претставници на граѓански здруженија и невладини организации, во изминатите два месеца имале можност да го посетат Собранието на Република Северна Македонија.
Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Речиси две илјади граѓани, во најголем број ученици и нивните наставници, како и претставници на граѓански здруженија и невладини организации, во изминатите два месеца имале можност да го посетат Собранието на Република Северна Македонија.
Собраниската прес-служба информира дека посетите се во рамки на воспоставената практика за отвореност на законодавниот дом кон јавноста и кон граѓаните како носители на суверентитетот и со цел зајакнување на транспарентноста и на отчетноста на институцијата.
-Во рамки на активноста „Отворен ден“, наменета за сите граѓани кои сакаат да ја разгледаат собраниската зграда, како историско обележје на македонската државност и место каде што работат пратениците, Парламентарниот институт и во текот на оваа 2023 година редовно организира обиколки на Собранието, преку кои 7512 посетители досега имаа можност да се запознаат со внатрешноста на законодавниот дом и најрепрезентативните простории, да научат за историјата, организацијата, функционирањето на Парламентот и да видат каде работат пратениците, се наведува во соопштението.
Информирајќи за посетеноста од почетокот на учебната година, наведува дека во септември во обиколка на Собранието биле 900 посетители во 23 организирани тури, а во октомври имало 1096 посетители во 27 тури. Разгледувањето на Собранието е со обучени водичи и е бесплатно за сите посетители.
-Сите кои се заинтересирани да бидат дел од организираните обиколки на законодавниот дом, може да се јават на телефонскиот број 02/3182-227 или да не контактираат по електронска пошта на parl.inst.@sobranie.mk, информира собраниската прес-служба. хс/бак/
Фото: Собрание на Република Северна Македонија