• вторник, 24 декември 2024

Рот со шест предлози за реформирање на процесот на евроинтеграција на Западен Балкан, за Северна Македонија уставните измени неизбежен услов

Рот со шест предлози за реформирање на процесот на евроинтеграција на Западен Балкан, за Северна Македонија уставните измени неизбежен услов

Скопје, 13 септември 2023 (МИА) – По посетата на специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан Мануел Сарацин вчера во Скопје престојуваше и претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот и поранешен државен министер на Германија за Европа Михаел Рот кој пред македонските пратеници излезе со шест чекори за реформирање на процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан и со повик уставните измени побрзо да се донесат за да се продолжи патот кон ЕУ.

Отворањето на преговорите, заедно со отворањето и затворањето на индивидуалните поглавја, преку одлука на квалификувано мнозинство во Советот на министри беше само еден од предлозите на претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот и поранешен државен министер на Германија. Тој иако вчера пред македонските пратеници излезе со нови предлози, за уставните измени рече дека се неизбежни и дека без нивно донесување државата нема да стане членка на Европската Унија.

Чекорите кои ги посочи според него ќе резултираат со постепено забрзан процес на интегрирање, кој според неговите проценки ќе биде попривлечен за земјите од Западен Балкан и ќе ги приближи до ЕУ без притоа, да ги поткопа строгите критериуми за пристапување.

Тој вчера по средбата со шефот на дипломатијата Бујар Османи, посочи дека уставните измени треба да се изгласаат што поскоро, затоа што нетрпеливоста кај луѓето била видлива, повикувајќи ги пратениците во македонското Собрание да гласаат за уставните измени за земјата да го продолжи својот пат кон ЕУ. Рот кажа дека тоа не е само наш интерес, туку интерес и на ЕУ.  

-Сега имаме предлог што е на маса и што мора да се примени, не за овде да се подобри ситуацијата на малцинствата, туку да се постигне пробив за Северна Македонија на патот во правец на Европската Унија. И мораме темпото да го забрзаме. Луѓето во оваа земја се нетрпеливи, но тоа не е само во ваш интерес, тоа е и во наш интерес. Не можеме да си дозволиме и во друг регион да има нестабилност. Сега е потребна јасна определба за држење заедно и за европеизација во Западен Балкан. Затоа мојата порака е многу јасна, рече германскиот пратеник.  

Османи пак, посочи дека усвоената Резолуција во Бундестагот минатата година е потврда за недвосмислената, активна поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ со својот идентитет, јазик, култура и историја.

Дека државата се наоѓа пред историски момент Рот истакна и на средбата со премиерот Димитар Ковачевски, каде нагласил дека Германија гледа на Северна Македонија како неизоставен дел од Европската Унија.

Рот се сретна и со собранискиот спикер Талат Џафери, при што изразил жалење што состојбите не се значително подобрени на европски план од неговата последна посета на земјата изминатата година, повторувајќи ја потребата од донесувањето на уставните измени како неопходен предуслов за продолжување со процесот на пристапување во Европската Унија.

Оценил дека политичките компромиси можат да придонесат за збогатување на мулти-етничкиот и мулти-религиозниот карактер на општеството на Северна Македонија, без притоа да ја нарушат веќе изградената социјална кохезија и како такви, се неопходни за здраво функционирање на демократијата.

Низа средби со слични, силни пораки, завчера имаше и специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин. Тој предупреди дека поради можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на земјата од останатите е голем, и дека поради тоа уставните измени се повеќе од потребни.

Тој оцени и дека е нереално да се очекува дека повторно ќе се отвори Преговарачката рамка и додал дека Германија ќе биде против тоа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, останува на ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да се случат. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на завчерашната средба со Сарацин го повторил ставот дека „оваа Влада нема легитимитет за таков чекор и дека уставни измени под бугарски диктат нема да се случат“.

свс/нд/

Фото : МИА архива

Остани поврзан