• понеделник, 16 декември 2024

Рекордни 140 планинари на „Милениумска патека“ на Сува Гора, која прерасна во традиционална манифестација

Рекордни 140 планинари на „Милениумска патека“ на Сува Гора, која прерасна во традиционална манифестација
Тетово, 31 октомври 2022 (МИА) - „Милениумска патека“ лесната планинарска тура во организација на планинарскиот клуб Јелак од Тетово вчера го доживеа петтото издание, со што акцијата веќе преминува во традиционална манифестација. Годинава рекордни 140 луѓе дојдоа на пешачењето, искачувањето и спуштањето по пределите на планината Сува Гора, но воедно и да се запознаат со големото македонско, историско и културно богатство на тетовските села и подрачјата на планинското подрачје. - Учествуваа околу 140 планинари што е рекордот досега, а со оглед дека достигнавме и петто издание турата премина во традиционална. Ги посетивме сите седум цркви и историско-културни локалитети според планот. Планинарите дисциплинирано се движеа во колона според пропозициите. Најмладиот учесник имаше две години, а најстариот 80 години. Времето беше сончево, задоволни сме од она што го слушаме дека и наредната година овие планинари би дошле. Карактеристично е дека на секој локалитет што го посетивме имаше луѓе задолжени за да им ја прераскажат историјата и карактеристиките за црквата и локалитетот. Како организатори сме задоволни, изјави Борис Стојановски - Цули, претседател на ПК „Јелак“ и главен водич на турата. Планинарите по собирот во центарот на Тетово, патуваа до Блаце од каде го започна пешачењето до крајната дестинација во селото Волковија со должина од вкупно девет километри. Од Блаце движењето на колоната планинари беше во правец кон првата црква „Света Троица“, над селото на надморска височина од 720 метри. Храмот е изграден врз археолошки локалитет „Самовилска вода“ од старохристијанско време, кој опфаќа и извор кој според преданијата има лековито дејство. Селедната дестинација црквата „Света Петка“ е на рид на околу 880 метри надморска височина. Условно речено ова претставува најтешкиот предел за искачување по Сува Гора, поради потребата да се искачи висинска разлика од 250 метри. Се поминува по маркирана патека низ нискостеблеста шума со густа вегетација, каде движењето е во колона еден по еден, но потешкотијата во искачувањето е налик на чекорење по скали. Од „Света Петка“ патот води кон археолошки локалитет Граиште на истоимениот рид кој се искачува за неколку минути во блага нагорнина. На врвот од ридот има рамнина каде се наоѓа археолошкото наоѓалиште, за кое археолозите тврдат дека е ранохристијанска црква од 4-тиот век каде била сместена Епископија. Се образложува дека потврда за тоа се трите ранохристијански крстилници крај кои се очигледни нивните остатоци градени со камен. Овој предел значително ја доловува убавината на тој дел од Сува Гора. Има огромен број на разни нијанси на сите можни бои кои есента ги дава на планините во овој период-жолтите, кафеавите, портокалови лисја на дабовите и другите листопадни дрвја, зелени површини со борови, елки и други зимзелени дрвја. Тука има и по некој црвена дренка, боровинки, шипинки, многу кафеави желади, но и растенија со црвени нијанси на листови. Од Градиште започнува пешачење во надолнина и по рамна патека. Така се влегува и во селото Стенче, каде е и црквата „Свети Илија“, која е живописна од славниот Дичо Зограф и неговиот син. Оваа црква е богата со историја, а за тоа сведоци се гробните места на неколку свештеници, кои уште во 18 век биле напишани на македонски народен јазик. Патешествието продолжува до најновата четврта црква „Света Екатерина“, која беше осветена токму овој месец. Таа е рид од кој има широко распространет поглед кон останатите ридести делови на Сува Гора, кои благодарејќи на сончевото време беа целосно видливи и беа убава прилика за нови пејзажни фотографии. Познатото излетничко место Волковска Чука, каде се наоѓа црквата „Свети Георгиј Победоносец“, беше следниот предизвик за учесниците во акцијата. Убавото сончево време е прилика да се направат фотографии за да се долови есенската идила на Сува Гора. „Свети Георгиј“ е манастирска црква која има богата историја и остатоци кои сведочат за тоа, како Дупно Камче, поголема камена плоча со дупка во внатрешноста. Милениумска патека заврши со пешачење од „Свети Георгиј“ до селската црква „Свети Мина“ во Волковија. Дел од тој предел е користен како локација за снимање на култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“ во 1967 година. Црквата „Свети Мина“ е изградена во 1936 година. Храмот има двор на ридест предел од кој се гледа значаен дел од Полошката котлина во правец кон Шар Планина и градот Тетово. „Милениумска патека“ првпат се одржа во 2018 година по повод јубилејот 1000 години Охридска Архиепископија. Александар Самарџиев

Остани поврзан