• вторник, 24 декември 2024

Рекордни цени на какаото низ светот, можно ново поскапување на чоколадото

Рекордни цени на какаото низ светот, можно ново поскапување на чоколадото

Вашингтон, 10 февруари 2024 (МИА) - Светските цени на какаото достигнаа нови рекорди, а причина за тоа е сушата која ги оштети посевите во Западна Африка.

Цената на какаото на њујоршкиот пазар вчера изнесуваше 5.874 долари за тон. Така, цената на оваа клучна состојка за правење чоколадо е речиси двојно зголемена од минатата година. Тоа веќе го чувствуваат главните производители на чоколадо, но и крајните потрошувачи.

Еден од најголемите светски производители на чоколада, американскиот Херши, вчера објави дека очекува историски високите цени на какаото да го ограничат растот на заработката оваа година. Извршниот директор на „Херши“, Мишел Бак не ја исклучува можноста за зголемување на цените на чоколадото за крајните клиенти.

Друг американски производител, Mondelez, како еден од предизвиците оваа година го посочи зголемувањето на цените на состојките за правење чоколадо. Главниот финансиски директор на Монделез, Лука Зарамела изјави дека се соочуваат со значително зголемување на цените на какаото и шеќерот.

Цените на какаото се зголемија поради слабата жетва во Западна Африка, каде што производството задоволува најголем дел од глобалната побарувачка за какао. Метеоролошкиот феномен Ел Нињо предизвикува суши во Гана и Брегот на Слоновата Коска, два од најголемите светски производители на какао. Повисоките температури и промените во обрасците на врнежите се последица на климатските промени, а влијаат и на жетвата, јавува Би-Би-Си. ссм/

фото: пиксабеј

Остани поврзан