• вторник, 24 декември 2024

Рекорден број мигранти го преминаа Ламанш за време на викендот

Рекорден број мигранти го преминаа Ламанш за време на викендот

Лондон, 6 октомври 2024 (МИА) - Рекорден број од 973 мигранти го преминаа Ламанш вчера за да стигнат нелегално до Велика Британија на импровизирани гумени чамци, додека истовремено четири лица загинаа на море, соопшти денеска британското Министерство за внатрешни работи.

Претходниот рекорд датира од јуни минатата година, кога беа регистрирани 882 премини. Со овие 973 мигранти, вкупната бројка за оваа година изнесува 26.612 лица кои пристигнале на британските брегови, најчесто од Франција.

Серијата бродоломи ја направија 2024 година најсмртоносна од 2018 година, кога започна овој феномен на прекуокеански преминувања.

Владата на Велика Британија под водство на лабуристичкиот лидер Киер Стармер вети дека ќе се справи со илегалната имиграција преку зголемување на депортациите и зајакнување на борбата против шверцерите.

Според британските власти, импровизираните чамци сега носат во просек по 52 патници, што е значителен пораст во споредба со 2020 година, кога просекот бил 13 лица.

Во периодот од јуни 2023 до јуни 2024 година, 18 отсто од пристигнатите мигранти биле од Авганистан, 13 отсто од Иран, а 10 отсто од Виетнам. ссм/

фото: архива

Остани поврзан