• понеделник, 23 декември 2024

Реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ се одвива според планираната динамика

Реконструкцијата на студентскиот дом  „Кузман Јосифовски-Питу“  се одвива според планираната динамика

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) – Со предвидената динамика се одвиваат градежните работи за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје кои почнаа во април согласно договорот што на 29 декември 2023 Владата го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“ како најповолен понудувач на меѓународниот тендер.

Неодамна почна и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје - тие се првите два студентски дома кои се реновираат со вкупно 17 милиони евра. За 18 месеци од почетокот на реконструкциите двата дома ќе станат современи, со подобрена одржливост, енергетски ефикасни што ќе придонесе за почиста животна средина и за финансиски заштеди.

Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од речиси 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Овие два дома се дел од првата фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Република Северна Македонија. Во следните две фази, во  наредните четири години, се планира реконструкција на уште седум други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

Сите ќе имаат енергетски ефикасни фасади, нова водоводна и електрична инсталација, еко-системи за греење,  енергетски ефикасни лед-светилки, комплетна промена на санитаријата и квалитетни безбедносни стандарди.

Министерката Јаневска истакна дека домовите ќе имаат фотоволтаични панели на покривите што ќе придонесе за голема заштеда на енергија, но и за намалување на емисија на јаглероден диоксид.

-Секако, она што е најважно,  е подобрување на студентскиот стандард што ни е  исклучително значајно затоа што студентскиот стандард е една од компонентите со која сметаме дека ќе ги задржиме младите луѓе во нашата земја, за тука да останат, за тука да го градат својот живот и за тука да творат и да придонесуваат за себе лично и за татковината, изјави Јаневска.

Соопшти дека во двата дома („Кузман“ и „Стив Наумов“) реконструкцијата треба  да заврши за 18 месеци од почетокот на градежните работи.

- Овде почнавме порано, во „Стив“ малку подоцна, но во следната студентска година би требало веќе да се почнати со работа, додаде министерката.

За останатите домови кои треба да се реновираат, таа рече дека се  уште се во преговори со Германската развојна банка, но и со други банки, како што рече „за да овозможиме поволни кредити за да можеме сите тие девет да ги завршиме“.

Раководителот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија Стефан Худолин на презентацијата истакна дека оваа инвестиција значително ќе придонесе за подобрување на квалитетот на студентскиот живот, ќе придонесе за одржливи услови и подобрување на еколошкото влијание.

-Кога ќе се потсетиме наназад на нашето студирање, студентското домување е важен дел од нашиот живот, има големо значење за нашиот потенцијал и развој - кога сме надвор од дома, а треба да се чувствуваме како дома, рече Худолин.

Раководителот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа (KFW) Клаус Милер ја посочи важноста на овој проект за заштита на животната средина.

-Овој проект има огромно влијание со оглед дека скоро половина од студентските домови ќе заштедат од 400 тони на емисии. Покрај енергетската ефикасност, зборуваме и за поудобни студентски домови, што значи дека се работи за инвестиција со сеопфатен пристап, рече Милер.

Откако проектот и неговите цели беа презентирани во седиштето на Европската куќа, претставниците од Делегацијата на ЕУ во Скопје и од Германската развојна банка заедно со министерката за образование и наука го посетија домот „Кузман“ за увид во активностите. Претставниците од компанијата изведувач претставија завршена и наместена со инвентар студентска соба како образец на изгледот на другите соби во овој студентски дом во центарот на Скопје. хс/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан