• четврток, 30 јануари 2025

Реконструирањето на интернатот во Кавадарци во завршна фаза

Реконструирањето на интернатот во Кавадарци во завршна фаза

Кавадарци, 28 јануари 2025 (МИА) - Во завршна фаза е реконструкцијата на ученичкиот дом „Крсте Петков - Мисирков“ што опфаќа комплетно реновирање на соби, тоалети, кујна, ходници и влезни партии, информираат денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Како што појаснуваат, станува збор за инвестиција на Општина Кавадарци во висина од 5.500.000 денари, а изведувач на работите е фирмата „Јоска транс“ од Битола.

Директорот на интернатот во Кавадарци што постои повеќе од шест децении, Александар Ангелов претходно информираше дека со општински пари се реновираат соби од интернатот.

-Објектот добива нова библиотека, како и реновирани тоалети и целокупно нова електрична инсталација на спратот што се реконструира, нови врати и прозорци. После толку години, ученичкиот дом конечно ќе добие и нов и посоодветен влез и нови прозорци во кујната, појасни директорот.

Градоначалникот Јанчев тогаш рече дека се зголемува капацитетот на легла. Тој најави дека планирана е и изградба на лифт за овие три ката.

-Многу е значаен овој капацитет, бидејќи овде се сместуваат средношколците кои се школуваат во средното образование во Кавадарци, а доаѓаат од други општини, потенцираше тогаш градоначалникот.

Претседателот на Совет на Општина, Стојанче Рамов, тогаш подвлече дека кога се вложува во образование, советниците се единствени во носењето одлуки. свд/дма/


Фото : Фејсбук на градоначалникот Митко Јанчев

Остани поврзан