• вторник, 24 декември 2024

Резултати ПИСА 2022: Од 81 земја, учениците во Северна Македонија на 61 место по математика, на 71 по јазична писменост и на 68 место по природни науки

Резултати ПИСА 2022: Од 81 земја, учениците во Северна Македонија на 61 место по математика, на 71 по јазична писменост и на  68 место по природни науки

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги објави резултатите од меѓународното ПИСА-тестирање спроведено во 2022 година, во кое учествувале ученици на 15-годишна возраст од 81 земја во светот. 

Како што соопшти Министерството за образование и наука, за нашата држава разликата во резултатите споредено со тестирањето пред пет години е  минимална и Северна Македонија го задржува нивото кое беше измерено во 2018 година.

-Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61-то место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71-то место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во светот, соопшти МОН. 

Министерството посочува дека резултатите од меѓународното ПИСА-тестирање 2022  покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15-годишна возраст во речиси сите држави учеснички и дека тоа се должи на „негативните последици од пандемијата со Ковид-19 врз квалитетот на образованието во глобални размери“. 

-Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање проблеми, соопшти МОН. 

Министерството посочува дека ПИСА-тестирањето првпат кај нас се реализираше електронски и дека ОЕЦД дала висока оценка која, како што наведува „ја потврдува техничката подготвеност на Северна Македонија и беспрекорноста на спроведувањето, што не е случај во 20 проценти од земјите учеснички во кои не беше запазен барем еден од стандардите на изведување на тестирањето“.

ПИСА 2022 беше четврто учество Република Северна Македонија во ова меѓународно тестирање, а претходните учества беа во 2000, 2015 и 2018 година.

Тестирањето во април и мај 2022 година го реализираше Државниот испитен центар. Беа опфатени 6610 ученици од 111 средни училишта каде што се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и на  албански јазик. хс/са/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан