• сабота, 23 ноември 2024

Редок прв примерок од „Хари Потер и Каменот на мудроста“ продаден за над 45.000 фунти

Редок прв примерок од „Хари Потер и Каменот на мудроста“ продаден за над 45.000 фунти

Единбург, 20 јyни 2024 (МИА) - Примерок од книгата „Хари Потер и Каменот на мудроста“ од писателката Џ.К. Роулинг, којшто бил еден од првите 500 отпечатени во 1997 година, е продаден за малку повеќе од 45.200 фунти вчера. Наддавањето се одржа во аукциската куќа „Лион и Турнбол“ во Единбург, Шкотска, градот каде што е напишан најголемиот дел од книгата.

Примерокот, инаку, содржи печатна грешка во зборот „Филозоф“ на задната корица и изразот „1 волшебно стапче“ е наведен двапати во списокот со училиштен прибор на страница 53.

Книгата била првично купена пред 20 години во Лондон, а аукционерите ја оценија како „одличен примерок“ од делото. Се предвидуваше пред вчерашното наддавање дека романот ќе достигне цена од 40.000 до 60.000 фунти, па на крајот е продаден за 45.201 фунта, и покрај грешките во него.

По објавувањето на книгата, биле отпечатени само мал број примероци, поради неизвесноста за тоа дали книгата ќе се покаже популарна или не. Серијалот „Хари Потер“, којшто вклучува седум книги, подоцна преточени во осум филмови, стана еден од најомилените во светот.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан