• сабота, 23 ноември 2024

Регионот да дејствува обединето во насока на зајакнување на економиите, порака од конференцијата на ЗМАИ

Регионот да дејствува обединето во насока на зајакнување на економиите, порака од конференцијата на ЗМАИ

Скопје, 25 септември 2023 (МИА) - Даночната и царинската политика на земјите од регионот, со фокус на Северна Македонија, Србија и Албанија, беа теми на денешната конференција „Регионална интеграција преку подобри даночни и царински системи на земјите од Западен Балкан“. Организатор е Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, со пподдршка од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Како што информира ЗМАИ, за време на конференцијата беа презентирани наодите од Анализата на даночните и царинските системи на трите земји. Посебен акцент беше ставен на препораките за подобрување на даночните и царинските системи на земјите, со цел овозможување на поуспешна регионална интеграција. Ова, како што се наведува, е важен чекор, доколку земјите сакаат да се насочат кон Европската Унија и еден ден да станат дел од слободниот пазар.

Првпат на ваков тип на настан говореше и главниот истражувач, поранешниот министер за финансии проф. Драган Тевдовски. Според него, земјите од регионот мораат да креираат политики кои ќе значат вложување во човечкиот капитал. Тој предлага излегување од т.н. „трка кон дното“, кај директните даноци и креирање на политики со кои ќе се привлече висококвалификуван кадар. Се поголемата миграција ќе бара од земјите да вложуваат повеќе во човечкиот капитал.

Даночниот експерт Павле Гацов напомена дека главна битка на државите од регионот треба да биде сивата економија. Таа, како што рече, овозможува нелојална конкуренција и го забавува развојот на приватниот сектор, но и на човечкиот капитал. Сивата економија, според Гацов, најдобро се намалува преку дестимулирање на трансакции во готово и намалување на готовинските плаќања. Овие мерки веќе функционираат во речиси сите европски држави кои имаат успех во борбата против сивата економија.

Ксенија Поповиќ Коцевски, истражувачка од ЗМАИ рече дека има неколку сегменти кои би можеле да се подобрат во областа на царинските политики. Една од нив е целосното без хартиено работење, односно дигитализација на сите внатрешни и надворешни царински процеси. На тој начин би се намалила можноста за поткуп и корупција и би се поедноставило и забрзало работењето на границите. Во однос на намалувањето на царинските давачки и бариери, таа вели дека треба да се движиме во насока на нивно отстранување. Сепак клучно е заштитните механизми да се отстрануваат заеднички, од страна на сите земји во регионот.

Од страна на институциите и бизнис секторот, се обратија директорката на УЈП Сања Лукаревска, претседателот на трговската комора при ССК Сашо Дуковски и советникот на директорот на Царина  Митко Димитровски. мд/са/

фото: ЗМАИ

Остани поврзан