• среда, 25 декември 2024

Регионална работилница за обука на административните кадри за практична примена на измените на Законот за матична евиденција

Регионална работилница за обука на административните кадри за практична примена на измените на Законот за матична евиденција

Скопје, 31 јули 2023 (МИА) - Третата регионална работилница за поддршка на Северна Македонија во нејзините напори за ставање крај на бездржавјанството, ќе се одржи денеска и утре во Охрид.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје, заедно со претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се здружат за да го завршат циклусот регионални работилници за обука на административниот персонал во практичната примена на новоусвоените измени и дополнувања на Законот за матичнита евиденција за задоцнета регистрација на нерегистрирани лица во Северна Македонија.

Како што наведуваат од ОБСЕ, овие работилници се дел од поголемите напори за поддршка на примената на новите законски одредби со цел да се стави крај на бездржавјанството до крајот на 2023 година.

Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја изрази својата поддршка за овие напори, со став дека „тоа е амбициозна, но остварлива цел, а Мисијата, заедно со УНХЦР, со задоволство го поддржува овој процес“.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје изработи и видео за подобро да ја запознае пошироката јавност со целите и начините како овие лица да добијат идентитет и да ги остварат нивните уставно загарантирани човекови права за пристап до образование, здравство и социјална заштита, стои во соопштението. вг/ац/

Остани поврзан