• сабота, 23 ноември 2024

Регионален форум „Борбата против корупција: Западен Балкан во фокус“

Регионален форум „Борбата против корупција: Западен Балкан во фокус“
Скопје, 7 април 2022 (МИА) - Тековните и неопходни антикорупциски реформи се во фокусот на денешниот регионален форум „Борбата против корупција: Западен Балкан во фокус“ на кој се дискутира за начините за подобрување на соработката меѓу меѓународните, владините и граѓанските актери. Форумот е во организација на Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Лидерството за развој и интегритет во Југоисточна Европа (SELDI). Александар Кржаловски, директор на МЦМС, истакна дека го организираат форумот со цел прашањето за борба против корупција да се одржи на високо ниво во целиот Балкан, - Нашето последно регионално истражување покажа дека особено во Македонија, стана проблем број еден во државата, иако имаше некој напредок на индексот за перцепција на корупцијата нa Транспаренси Интернешнл, сепак, повеќето држави од Западен Балкан се блиску до 100 место, односно, многу е лоша ситуацијата, и затоа сметавме дека треба да биде највисок приоритет и на нашата Влада и на владите во регионот, посочи Кржаловски, изразувајќи надеж дека поентите што ќе бидат искажани на форумот ќе бидат сериозно земени предвид. Претседателот на ИДСЦС, Макро Трошановски, рече дека целта на форумот е да ги здружи напорите на националните влади на Балканот, САД во насока на нивната стратегија за борба против корупцијата, и Европската Унија, за конечно да се адресира овој проблем кој, според него, станува и безбедносен ризик. - Потфрлањето во борбата против корупција всушност е главната корозивна димензија која што ја уништува стабилноста на регионот и го прави и безбедносен ризик, оттука заедничко делување е многу важно, посочи Трошановски. Тој рече дека фокусот на борбата против корупцијата е да се покаже казнивост, да се запленат средствата кои што се украдени и да се постават јасни критериуми. Според него, најкорумпиран дел од општеството е спрегата помеѓу извршната и судската власт во именувањето на судии, јавни обвинители, високи раководни служби како и членови во регулаторните тела за надзор. Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција, истакна дека фокусот се базира на анализата на ризиците од корупција. - Таа анализа покажува дека кај нас сè уште постојат крупни ризици од корупција, а тоа е пред сè, политичкото влијание, на прво место, кое што се манифестира во повеќе делови од општествениот живот, како и неказнивоста, што, исто така, е страшен ризик од корупција, недоволната транспарентност како и интегритетот, рече Ивановска. Трошановски и Ивановска беа согласни дека Законот за потекло на имот кој што се најавува ќе помогне во борбата против корупција. На Форумот ќе се обратат министри за правда од Западен Балкан, претставници од граѓанското општество, уредници на истражувачки редакции и меѓународни претставници. ар/са/

Остани поврзан