• вторник, 24 декември 2024

Реакција од Левица за работата на Организацијата на работодавачи

Реакција од Левица за работата на Организацијата на работодавачи
Скопје, 14 април 2021 Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), застапувана од г. Ангел Димитров од Свети Николе, штитејќи ги интересите на олигарсите и капиталистите, во континуитет ги кочи сите законски измени во полза на работниците, злоупотребувајќи ја позицијата за влијание во Економско социјалниот совет (ЕСС). Според инсајдерските информации на Левица, токму Ангел Димитров од ОРМ е причината за одложување на имплементацијата за предлогот „Недела – неработен ден“ (за кој Владата даде рок од две недели за изготвување решение и кој досега требаше да е донесен, а сега наместо да се применува од јули 2021, се пролонгира за 2022 год.). За штитениците на Димитров очигледно проблем е и покачувањето на минималната плата и обезбедување бројни подобри услови за работа на работниците во Македонија. Тој од својата позиција во преговори со синдикатите ја користи функцијата во ЕСС да дејствува спротивно на интересите на половина милион работници од приватниот сектор! Организацијата на работодавачи, која ги застапува интересите на крупниот капитал, делува спротивно на сите прописи и без легитимитет е ставена во позиција да ги оштетува работниците од цела Македонија. ОРМ, спротивно на Законот за работни односи, е основана од физички лица наместо од работодавачи (!?) - видно од Одлуката за основање и Тековната состојба издадена од Централниот регистар. Ова доведува до заклучок дека нивното учество во Економско социјалниот совет е противправно и од истата причина треба веднаш да им биде поништена репрезентативноста, бидејќи истата им е доделена спротивно на законот. Тие, спротивно на позитивните прописи, се стекнале со права кои ги користат да ги кочат реформите и да ги оштетуваат работниците, а Владата и Министерството за труд и социјална политика - доколку веднаш не преземат мерки и не ја укинат репрезентативноста - се директни соучесници во овој нелегитимен процес. За потсетување, Ангел Димитров, како директор на конфекцијата „Мода“ од Свети Николе, е истиот оној кој во јули 2020, принудувајќи над 500 работнички од кои дел со симптоми од Ковид-19, да доаѓаат на работа направи голем корона-кластер од околу 80-на заразени работници. Оттука и повеќе од јасно е чии и какви права и интереси тој застапува. Левица најостро го осудува ваквото експлоатациско и газдинско-феудално однесување на Ангел Димитров и на нелегитимната Организација на работодавачи на Македонија и јавно ја повикуваме министерската за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како претседател на Економско – социјалниот совет, да ги преземе сите потребни дејствија за заштита на интересите на работниците кои во моментов се загрозени од страна на организација која е регистрирана како обично „здружение на граѓани“, спротивно на законот. Политичка партија Левица ___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан