• среда, 25 декември 2024

Реакција на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за информација за собраниска делегација на конференција во Будва

Реакција на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за информација за собраниска делегација на конференција во Будва

Скопје, 9 ноември 2022

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ најостро реагира на лажните објави и извртување на вистината кои власта ги пласира во јавноста

Имено, станува збор за информативна содржина објавена на собранискиот сајт каде што се информира јавноста дека собраниска делегација е присутна на „Регионална конференција за парламентарната димензија на ЕУ-Интеграција на Западен Балкан“, која се одржува во Будва, Црна Гора.

Проблемот е во тоа што на оваа средба, претседателот на делегацијата г-динот Арбер Адеми, заедно со останатите присутни од македонската собраниска делегација шират груби лаги и невистини.

Имено, за оваа регионална конференција, потенцираме дека ниеден пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, не е ниту повикан, ниту поканет, ниту пак информиран или консултиран за темата која што е предмет на оваа регионална конференција.

Вакво срамно однесување на колеги пратеници од Собранието на Република Македонија нема да дозволиме и секогаш бурно ќе реагираме.

Нема да дозволиме власта да зборува во име на опозицијата на свои приватни средби и притоа да ги пласира во јавноста и да ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека не е присутна или пак дека е кочничар на ЕУ процесите на Република Македонија.

Исто така, во содржината на оваа вест стои дека помеѓу власта и опозицијата во тек се разговори во врска со уставните измени за внесување на бугарските граѓани во преамбулата на Уставот.

И ова е класична лага и е далеку од вистината.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ и целата пратеничка група која брои 44 пратеници, е дека власта го нема потребното мнозинство и дека единствен излез од оваа ситуација е распуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори. Ништо помалку, ништо повеќе.

Кога веќе власта преку своите курири зборува и насекаде наводно се залага за инклузивност и транспарентност, треба прво да се погледне себе си’ во огледало и конечно да почне така и да се однесува бидејќи ова срамно однесување и обид за подметнување и наметнување на ставови е се’ само не инклузивност и транспарентност.

Повикување на заедништво и обединување поради остварување на заедничката цел за членство во ЕУ, едноставно не е возможно на начин на кој што власта преку вакви ниски обиди и удари се обидува да го направи. Токму собраниската делегација треба и мора да знае дека Законодавниот дом е врвот на една демократија каде што се дискутира и дебатира на демократски начин, а не со насилие, наметнување, непочитување на Деловник и процедури, а најмалку пак со ширење лаги и невистини.

Очигледно, власта е во паника, не знае како понатаму и токму затоа си шета наоколу и дава лажна слика за состојбите во Македонија. Токму затоа, им порачуваме да се вразумат, да престанат да манипулираат и лажат, да си се вратат на своите работни места и конечно да почнат да работат во интерес на граѓаните. Во спротивно, доколку не знаат или не можат да го направат тоа, решението е јасно, распуштање на нивното и онака тенко мнозинство и организирање на предвремени парламентарни избори.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан