• сабота, 23 ноември 2024

Реакција на ОМО „Илинден“ за изјавата на Радев: Никогаш не сме се залагала за некаков сепаратизам

Реакција на ОМО „Илинден“ за изјавата на Радев: Никогаш не сме се залагала за некаков сепаратизам
Скопје, 2 февруари 2022 (МИА) - Здружението на Македонците во Бугарија „ОМО Илинден Пирин“ реагираа на вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев, за „сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги исповедува народот со кој се среќава претседателот Пендаровски“. - Нашата партија никогаш не се залагала за некаков сепаратизам. Досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не е обвинет, суден или осуден за сепаратистички дејства. Лагата за наводниот наш сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која се изложени бугарските граѓани со македонска самосвест, што доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права. Во последните 18 години дискриминацијата на Македонците во Бугарија е присутна во сите извештаи на меѓународни институции за човекови права, наведуваат од здружението. Тие потсетуваат дека Радев ја ратификувал Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и дека Република Бугарија во минатото официјално го признала македонското малцинство, кое, велат оттаму, „оттогаш систематски е подложно на брутален прогон во комунизмот и денес“. - А колку за информација на Радев, бидејќи тој одбива не само да не прими, туку дури и да одговори на нашите барања за средба, се бориме за демократизација и европеизација на Бугарија, за човекови права, за запирање на негирањето на македонското малцинство, запирање на систематската дискриминација, против стигматизацијата, говорот на омраза и маргинализацијата што се применува врз македонското малцинство, додаваат оттаму. Претходно и претседателот Стево Пендаровски реагираше на реакциите од бугарска страна дека се сретнал со претставници на здруженија на Македонци во Бугарија. Тој рече дека нема аргументи за реакција од бугарска страна по неговата средба затоа што, како што нагласи и од соопштението и од изјавите по средбата, можело да се заклучи дека во разговорите немало ништо што оди против Договорот од 2017 година. - Ако некому смета самата средба на претседател на државата со Македонци кои живеат било каде во светот, нагласи Пендаровски, тоа не е мој, не е наш проблем. Тој потенцира дека ги сослушал Македонците од Бугарија и ги упатил дека остварувањето на нивните права може да го направат само во рамки на државата во која живеат или преку меѓународните судови, рече вчера Пендаровски. нд/са/ Фото: МИА архива

Остани поврзан