• среда, 25 декември 2024

Реакција на Клиниката за хематологија на пресот на ВМРО-ДПМНЕ

Реакција на Клиниката за хематологија на пресот на ВМРО-ДПМНЕ
Скопје, 16 јуни 2022 Денес се потврди дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се обидува со серија прес конференции да го наруши угледот на јавното здравство и да создава паника кај пациентите. Жално е што заради дневно политички интереси се обидуваат да стават дамка на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, која по сите медицински показатели е една од најуспешните клиники од ваков тип во регионот и пошироко. Кога веќе се упорни во своите манипулативни прес конференции, ги замолувам пред да продолжат со обвинувањата да соопштат јавно колку јавни набавки во периодот 2006-2016 добила веледрогеријата „Д-р. Пановски“ во јавното здравство? Уште еднаш повторувам, темата за сомневањата за евентуален конфликт на интереси меѓу мене, како актуелен директор и веледрогеријата „Д-р. Пановски“, сопственост на мојот татко, веќе беше предмет на истражување на Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство кое темелно ги разгледа сите факти и утврди дека сите јавни набавки на клиниката се спроведуваат согласно позитивните законски прописи. Случајот е затворен! Земајќи предвид дека кога опозициона политичка партија со сите сили се обидува да креира скандал, јавноста со целосно право може да се посомнева дека навистина постои евентуален конфликт на интереси, должна сум повторно да предочам одредени околности, кои треба да земат предвид пред да се носи заклучок. Едноставно, како актуелен директор, моја обврска е да го заштитам интегритот на тимот на клиниката. Веледрогеријата „Д-р. Пановски“ се занимава со оваа дејност повеќе од 25 години и меѓу другите здравствени установи и клиники, со години, уште пред јас да дипломирам на Медицинскиот факултет учествува на јавни набавки и склучува договори со различни клиники, меѓу кои и клиниката за хематологија. Ноторен факт е дека дел од лековите кои се задолжителен светски протокол за клиничката терапија на пациентите кои се лекуваат на оваа клиника, единствен застапник за Република Северна Македонија е токму оваа веледрогерија. Затоа, целосно свесна за овие околности, управниот одбор на клиниката за хематологија, на мое барање, со одлука ми ги има одземено сите надлежности со кои јас би можела да влијаам во процесот на јавни набавки каде како потенцијален добавувач може да се јави веледрогеријата „Д-р. Пановски“. За оваа одлука е информирана и Државната Комисија за спречување на корупцијата. Со целосна морална и кривична одговорност, уште еднаш јавно изјавувам дека јас Ирина Пановска Ставридис нема да ставам свој потпис на ниту еден договор за јавна набавка со веледрогеријата „Д-р. Пановски“. Уште еднаш ги повикувам сите надлежни државни институции повторно да извршат увид во работењето на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија и да се произнесат по обвинувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Сакам да верувам дека сите политички фактори во државата навистина посакуваат квалитетно јавно здравство кое по светски стандарди ги лекува пациентите. Проф. д-р. Ирина Пановска-Ставридис, медицински директор на Клиниката за хематологија _______________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан