• понеделник, 23 декември 2024

Реакција на Клиниката за детски болести за објавена видео снимка од нивно одделение

Реакција на Клиниката за детски болести за објавена видео снимка од нивно одделение
25 март 2020 Универзитетската Клиника за детски болести - Скопје, во интерес на вистината, сака да ја информира јавноста за видео снимката која денеска (25.03.2020 година) родители на наша пациентка ја направиле на едно од одделенијата на Клиника за детски болести - Скопје. На снимката се гледа дека бебе, наш пациент, тешко дише и притоа родителите ги коментираат и ги обвинуваат со имиња и презимиња лекарите за нејзината состојба. Имајќи предвид дека станува збор за комплексна ситуација, а со цел јавноста да добие целосна слика за случајот со пациентка, сакаме да дадеме и наш став во однос на денешната снимка. Имаме целосно разбирање за болката на родителите и со нив сме постојано последниве шест месеци. Мајката на бебето, во четвртиот месец од бременоста заболела од варичела. Направени се тестирања за можни последици по плодот, коешто семејството никогаш не ги подигнало. И покрај познатите медицинскиоправдани,стравувања по евентуални последици по плодот, мајката решила да го роди детето, без разлика на последиците. Токму како последица од варичелата, бебето се родило со комплетно нарушен имунолошки систем, односно не можност да се одбрани од бактерии ниту вируси. Колку е ослабен имунитет покажува и фактот дека од самото раѓање детето било само неколку дена дома во рок од шест месеци. Направени се сите современи испитувања што само ја потврдуваат дијагнозата дека детето е родено со последица од варичелата додека мајката го носела плодот. Комплетно ја разбираме нервозата на родителите, се обидуваме да помогнеме колку што можеме, но ситуацијата се менува секојдневно, а грижа за детето има постојано. Во секој момент на располагање се докторите на Клиниката кои досега повеќе пати отворено разговараат со родителите за состојбата на детето. И покрај тоа секојдневно се врши притисок на персоналот на болницата, проследени со разни навреди, закани по живот и агресија која кулминираше денеска кога обезбедувањето на Клиниката мораше да повика и полициска асистенција. Како здравствени работници, но и како луѓе, родители, ја разбираме нивната борба за сопственото дете, но не ја разбираме потребата од психичко и физичко насилство врз оние кои деноноќно се борат за животот на нивното дете.   Во овие тешки времиња за сите здравствени работници сакаме да повториме дека целиот медицински тим на Клиниката за детски болести во Скопје деноноќно се бори за најмалите. Нивниот живот за нас е приоритет и тука не треба да има ниту најмал сомнеж.   Со почит Универзитетска Клиника за детски болести - Скопје   ————————————————————————————————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки  

Остани поврзан