• сабота, 21 декември 2024

Реакција на АД ЕСМ на обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ

Реакција на АД ЕСМ на обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ

Скопје, 22 април 2023 

АД ЕСМ во текот на грејната сезона 2022/2023 ги стави во функција сите расположливи производствени капацитети со цел зголемување на домашното производство, успешно справување со енергетската криза без ниту еден ден рестрикции и е насочена кон овозможување на предуслови за стабилизирање или намалување на цената на струјата.

Затоа, овие паушални обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ не можеме да ги земеме како сериозни, а најмалку како вистинити, бидејќи нивниот легитимитет на „загриженост“ е потрошен затоа што тие како политичка партија во време на најголемата енергетска криза беа единствените коишто со ништо не придонесоа за справување со истата, туку напротив, манипулираа и креираа паника и стравови за граѓаните. Посветеноста и заложбата на АД ЕСМ со помош на Владата не дозволија да се остварат тие црни сценарија, туку напротив, успешно, без рестрикции на електрична енергија и позитивна финансиска добивка ја завршија оваа грејна сезона.

Кога станува збор за РЕК Осломеј, важно е да се напоменат неколку факти. Во 2015 година, РЕК Осломеј произведе само 106 гигават часови, во 2016 само 26,8 гигават часови, а споредбено со овие години, во 2021 година произведе 203 гигават часови, во 2022 произведе 255,2 гигават часови, а од почетокот на 2023 година до денес, РЕК Осломеј произведе 101 гигават часови што е за 4 пати повеќе од целокупното производство во 2016 година каде производната цена била 661, 04 евра за мегават час, а во 2021 била 173 евра за мегават час.

Иако, конзумот за празниците е многу помал споредбено со другите работни денови, во моментов согласно планот, работат двата блока во РЕК Битола со повисока снага, а набавено е и електрична енергија заклучно со 26.04.2023 од 100 мегават часови. АД ЕСМ електричната енергија ја испорачува кон ЕВН ХОУМ кој е универзален снабдувач за домаќинствата и мали потрошувачи, односно над 70.000 мали бизниси како и најголемиот дел од количините за дополнително снабдување по субвенционирана цена за мрежата на ЕВН Електродистрибуција и МЕПСО како и да ги исполни обврските согласно одлуките на влада и склучените договори со образовните институции, од областа на водостопанство и здравствените установи и други субјекти од витална важност во државата.

Бидејќи се задоволува конзумот со овие капацитети, сега е најдобар момент да се санираат дефекти што се воочени и се појавуваат во текот на работата на РЕК Осломеј. На нив се работи во моментот, а истовремено се преземаат и операции за пуштање, коишто ако се оди според планираното ќе овозможат РЕК Осломеј уште утре да биде повторно вклучен во мрежата на производство. Да потсетиме, РЕК Осломеј е изграден во 1980 година, уредите и постојките се стари, а последниот ремонт е направен во 2014 година, па затоа, ова лето се планира да се направи генерален ремонт што ќе ја зголеми функционалноста и ефикасноста на оваа термоелектрична централа која е важен фактор во домашно производство на електрична енергија.

АД Електрани на Северна Македонија

________________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан