• среда, 27 ноември 2024

Расфрлани предмети, повредени 47 полицајци и приведени лица е епилогот од протестот во Скопје

Расфрлани предмети, повредени 47 полицајци и приведени лица е епилогот од протестот во Скопје
Скопје, 5 јули 2022 (МИА) - Демолирани канти за отпад, уништени огради, расфрлани камења и празни корпи за јајца е сликата која може да се забележи вечерва во центарот на Скопје на четвртиот ден од протестот против францускиот предлог. Четириесет  и седум полицајци се повредени вечерва во судирите со дел од учесниците на протестите, потврдија за МИА од МВР. Од повредените припадници на полициските сили, 11 се потешко повредени, а двајца од нив имаат сериозни повреди, додаваат од МВР. Во судирите има и оштетени полициски возила, како и приведени демонстранти. Ова е епилогот од денешниот протест кој започна пред Владата на Република Северна Македонија, потоа преку мостот „Гоце Делчев“ продолжи кон Собранието каде што припадниците на полицијата почнаа да приведуваат учесници во протестот, откако дел од нив почнаа да фрлаат петарди, димни бомби и други предмети кон специјалците и ја урнаа оградата пред законодавниот дом. Меѓу учесниците во протестот имаше и околу 30 демонстранти со фантомки и маици на главите го фрлаа предмети кон собраниската зграда и кршеа прозорци. Откако ескалираше однесувањето на дел од учесниците, полицијата во неколку наврати им се спротивстави и успеа да ги растера од пред Собранието и да ги потисне кон паркот Жена борец каде што се оштетени голем дел од кантите за ѓубре. Екипите од комуналните служби се на терен и веќе го расчистуваат нередот кој го предизвикаа дел од демонстрантите. Протест под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“, преку кој се бара да се отфрли францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија и деблокада на интеграциите на државава во Европската унија почна во саботата. Официјално нема организатор. Протестот доби поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски ги повика граѓаните да се приклучат, за, како што кажа, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија. ар/ац/

Остани поврзан