• вторник, 24 декември 2024

Расправија меѓу неколку луѓе - причина за пукањето на победничката парада на Супербол во Канзас

Расправија меѓу неколку луѓе - причина за пукањето на победничката парада на Супербол во Канзас

Канзас, 16 февруари 2024 (МИА) - Расправија меѓу неколку луѓе била причината за пукањето за време на прославата на парадата на Супербол во Канзас, во која едно лице загина, а 22 беа повредени, соопшти полицијата, отфрлајќи каква било врска со екстремизмот.

- Тројца малолетници беа приведени во текот на истрагата, изјави началничката на полицијата Стејси Грејвс на прес-конференција еден ден по пукањето во близина на историската железничка станица во центарот на градот.

Двајца малолетници се приведени, а третиот, за кој било утврдено дека не е вмешан, подоцна е ослободен, објави портпаролката на полицијата Алајна Гонзалес.

Шефицата на полицијата рече дека на местото на престрелката биле пронајдени неколку парчиња огнено оружје.

„Изгледа дека ова било расправија меѓу неколку луѓе што заврши со пукање“, рече Грејвс, сугерирајќи дека учесниците на парадата не биле цел на нападот, туку дека тоа се случило за време на прославата на годинашните победници на Суперболот, на која присуствуваа повеќе од милион луѓе.

„Прелиминарните наоди од истрагата укажуваат дека нема врска со тероризам или домашен насилен екстремизам“, рече Стејси Грејвс, но не кажа дали полицијата имала сознанија за потеклото на конфликтот или за деталите за пукањето.

Вчера полицијата излезе со информација дека при пукањето се ранети 22 лица, а убиена е Лиза Лопез-Галван, популарна локална радио водителка. Се наведува дека возраста на жртвите се движи од осум до 47 години.

Началничката изјави дека се подготвуваат обвинителни акти против две малолетни лица чиј идентитет не е соопштен. Полицијата се обидува да утврди дали некој друг е вмешан во престрелката, а таа додаде дека сите одговорни ќе бидат „изведени пред лицето на правдата“. паг/

Фото: Скриншот

 

 

Остани поврзан