Распишан литературен конкурс по повод патрониот празник на Општина Кратово
- Општина Кратово распиша награден конкурс за најдобра литературна творба на тема „Свети Ѓорѓи Кратовски–светилник и закрилник на Кратово“, по повод чествувањето на патронот на светецот на 24 февруари.

Кратово, 11 февруари 2025 (МИА) - Општина Кратово распиша награден конкурс за најдобра литературна творба на тема „Свети Ѓорѓи Кратовски–светилник и закрилник на Кратово“, по повод чествувањето на патронот на светецот на 24 февруари.
Право на учество имаат сите жители на општина Кратово, а доставените литературни творби, поезија или проза, треба да бидат напишани на македонски литературен јазик и истите не смеат да бидат претходно објавувани.
- Традиционално, како секоја година, го распишуваме конкурсот посветен на светецот заштитник на Кратово, свети Ѓорги Кратовски, што ќе трае до 24 месецов. Обезбедени се и парични награди за авторите на трите најдобри творби што ќе ги одбере комисија за оценување, формирана од градоначалникот на општина Кратово, посочуваат од општината.
Авторите на најдобрите творби ќе добијат пофалници и вредносни ваучери во висина од: 3500 денари за првонаградена творба, 2500 денари за втора и 1500 денари за трето место, а наградените творби ќе бидат објавени и на веб-страната на Општина Кратово.
Авторските творби треба да бидат шифрирани и да се достават во хартиена форма до архивата на Општина Кратово, секој работен ден или да се испратат електронски, на следната адреса: opstina_kratovo@opstnakratovo.gov.mk, најдоцна до 24 февруари 2025 година. ид/цр
Фото: Општина Кратово