• среда, 27 ноември 2024

Распишан конкурсот за избор на брачен пар за Пијанечко-малешевската свадба

Распишан конкурсот за избор на брачен пар за Пијанечко-малешевската свадба
Делчево, 6 април 2022 (МИА) - Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев" од Делчево го распиша конкурсот за избор на брачен пар кој ќе биде носител на овогодишното издание на манифестацијата „Пијанечко-малешевска свадба", чиј покровител во функција на туристичка понуда на регионот е Општина Делчево.
-Како и секоја година имаме новитети, а некои од условите се младоженците да бидат по потекло од Пијанечко-малешевскиот регион, да бидат правно регистирани, а доколку не се, тоа да го сторат за време на манифестацијата, како и да ги спроведуваат адетите според обичаите во Пијанечко-малешевскиот регион. Кандидатите треба да достават писмена изјава со мотивациско писмо и фотокопија од лична карта, изјави уметничкиот раководител Зенил Реџепов.
По завршувањето на конкурсот, како што додаде, ќе биде направено интервју со пријавените кандидати, по што ќе биде објавено името на 16-тиот брачен пар на оваа манифестација.
-Конкурсот е во траење од 30 дена од вчерашнот ден на објавување. Јас ги охрабрувам сите кои сакаат да учествуваат нека повелат во просториите на друштвото или да се пријават на адресата објавена на нашата фан-страница, додаде Реџепов.
Паралелно, Културно-уметничкото друштво се подготовува и за Меѓународниот музичко-фолклорен фестивал Делчево Фест, кој годинава ќе се одржи по 46. пат.вс/бт/ 

Остани поврзан