• сабота, 23 ноември 2024

Размена на искуства меѓу Северна Македонија и Франција за спречување и казнување корупција

Размена на искуства меѓу Северна Македонија и Франција за спречување и казнување корупција
Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Корупцијата е феномен од кој ниту еден систем или ниту едно тело не може да остане имуно, нагласи денеска францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер на семинарот посветен на спречување и казнување на корупцијата, како и за перспективите во Франција и Југоисточна Европа. - Нашето внимание овде преку овој семинар не е да служиме како модел или да даваме лекции, туку да имаме размена меѓу специјалисти преку нашите искуства за да се обидеме заедно да ги најдеме најдобрите практики, рече Бомгартнер. На семинарот, како што најави тој, ќе се разговара на оваа чувствителна тема детално, а крајната цел е да бидат колку што е можно попрактични. Затоа, рече амбасадорот, во текот на целиот ден ќе разговараме на специфична тема „Националните агенции за борба против корупција како превенција, меѓународните истраги и ефикасноста во санкциите како репресија или казна“. - Станува збор за важни прашања кои се приоритет и во поглед на ЕУ особено во поглед на приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ и знаете дека таа процедура се забрза ова лето со поттикнување на француското претседавање со Советот на ЕУ и најлогично би било  денес да организираме еден семинар од ваков вид, да го покажеме нашиот постојан ангажман во полза на Северна Македонија како помош и придружба на нејзиниот интегративен пат, рече Бомгартнер. Министерот за правда Никола Тупанчески во своето обраќање се осврна на мерките и активностите кои ги презема Владата за превенцијата и спроведување на законите против корупција. Тој ги спомна Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Законот за лобирање и Кривичниот Законик. Во нацртот на новиот Кривичен законик, како што кажа, се предвидени извесни новини кај кривичните дела против службената должност, а злоупотребата при јавни набавки ќе биде посебно кривично дело. - Борбата против криминалот и корупцијата претставува еден од стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на РСМ  во евроинтеграцискиот процес, од октомври 2022 година, се констатира дека државата продолжува да напредува во истрагите, гонењето и судењето на предметите на корупција, вклучително и предметите на корупција на високо ниво, а не остана незабележано и проактивното дејствување на Државната комисија за спречување на корупција, рече Тупанчески. На најновата листа на Транспаренси интернешнл за Индексот за перцепција за корупцијата за 2021 година, како што додаде министерот, Република Северна Македонија ја подобри својата позиција за четири индексни поени во однос на претходната година и е на 87 место, за разлика од извештајот од 2020 година кога беше на 111 место. Тупанчески истакна дека Владата и Министерството за правда продолжуваат со преземање мерки за остварување на заложбите за подобра соработка и координација меѓу институциите, јакнење на институционалните капацитети и нивна отвореност за соработка со граѓанскиот сектор, како и за унапредување на меѓународната соработка, со цел ефективна борба против корупцијата. Семинарот е во организација на Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија. мс/лв/  

Остани поврзан