• сабота, 23 ноември 2024

Радман во Приштина: Хрватска е против промената на границите во регионот

Радман во Приштина: Хрватска е против промената на границите во регионот

Приштина, 6 мај 2021 (МИА) Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлич Радман, кој престојува во еднодневна официјална посета на Косово, изјави дека неговата држава се противи на каква било промена на границите во регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.

По средбата со шефицата на косовската дипломатија, Доника Грвала-Шварц, Радман изјави дека Хрватска, како членка на Европската унија, го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија и се надева дека двете земји набргу ќе дојдат до решение за меѓусебните спорови.

Како една од првите земји кои ја признале косовската независност, Хрватска „ќе се залага Косово да го признаат и тие земји кои досега не го наравиле тоа“, рече Радман.

Тој, како што рече, ја гарантира поддршката на Загреб за визната либерализација за косовските граѓани, како и воопшто за напорите на Косово во правец на евроатлантските интеграции.

Шефот на хрватската дипломатија информира дека неговата земја му подарила на Косово 10 илјади вакцини против Ковид-19.

Освен со министерката Грвала-Шварц, Радман се сретна и со претседателката на државата, Вјоса Османи и со претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, а предвидена е и средба со премиерот Албин Курти. иа/

Остани поврзан