• понеделник, 23 декември 2024

Радикализација на протестите на земјоделците во Србија

Радикализација на протестите на земјоделците во Србија

Белград, 20 ноември 2023 (МИА) - Протестите на земјоделците кои бараат подобри услови за земјоделството продолжија во градовите низ Србија, најмногу во Војводина со блокади на патиштата, а за денеска најавија дополнителна радикализација на протестот, јави дописникот на МИА од Белград.

Земјоделците кои од 13 ноември го блокираат влезот на рафинеријата на Нафтената индустрија на Србија (НИС) во Нови Сад, почнаа да го блокираат излезот кон новосадската населба Шангај, а ќе ги блокираат и влезовите и излезите на автопатот.

Земјоделците од Нови Сад, во претходните денови, покрај континуираната блокада на рафинеријата, организираа и протестни возења на блискиот кружен тек на излезот од Нови Сад, што создаде метеж на патот Нови Сад - Зрењанин. Потоа почнаа неколку часа дневно да ги блокираат излезите на автопатот Суботица - Белград.

Продолжија протестите и во Баваниште кај Панчево, блокиран е патот Ковин – Панчево, со блокада на патот со повеќе од 50 трактори, а се пропуштаа само возила за итна помош и автомобили со деца.

Нови блокади започнаа и на излезот од село Банатски Брестовац, а за денеска се планирани блокади и на патниот правец Нови Сад - Бачка Паланка, Кикинда - Зрењанин, Зрењанин - Нови Сад, кај Стара Пазова и на други места до Војводина.

Земјоделците во Србија бараат гориво за аграрот без акцизи, кои изнесуваат повеќе од половина од нејзината цена, субвенции по хектар обработливо земјиште од 300 евра и зголемување на цените на житариците и другите земјоделски култури.

Бараат и цените на земјоделските производи да се формираат по пазарен принцип, без државна интервенција, зголемување на премиите за млеко и стимулации од 340 евра по крава.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 16 ноември ги окарактеризира протестите на земјоделците како „политички мотивирани“ и рече дека земјоделците во нивните барања бараат работи што „се невозможно да се исполнат“. об/сд/

Остани поврзан