• понеделник, 23 декември 2024

Работници на „Еуроникел индустри" се собраа пред капија, бараат сите да работат, а не само стотина

Работници на „Еуроникел индустри

Кавадарци, 3 јануари 2024 (МИА) -  Работници на ,,Еуроникел индустри" се собраа пред капија, бараат сите да работат, а не само стотина, како што било побарано од нив, откако ги нема веќе странските газди, а фабриката стана имот на банката доверител која го презеде управувањето со комбинатот. Ова го потврди попладнево за МИА  претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство, Игор Герасов. Тој повтори дека работниците не прифаќаат само стотина да ја одржуваат печката, бараат побрзо да се најде инвеститор и сите да останат на работа.

- На преговори сме, ние синдикалистите со претставници на банката, кои ни кажаа дека чекаат позитивен одговор од инвеститор, некаде до десетти јануари. Одредени се луѓе да ја одржуваат печката. Околу петстотини луѓе се пред капија, од толпата не се дозволува да се направат смените. Голем проблем е, подвлече Герасов. 

Герасов нагласи дека засега продолжува неизвесноста за околу 800 работници и многу други соработници на компанијата. 

- Нашиот став е веќе познат, што побрзо да се најде инвеститор, за фабриката да може да продолжи да работи. Банката доверител ја активираше хипотекарната гаранција, сега таа е сопственик на комбинатот. Странските газди веќе не раководат со фабриката, работниците се оставени сами на себе. Предлог на банката беше да останат сто луѓе на работа да ја одржуваат печката за просечни плати, додека да се најде инвеститор, појасни Герасов. 

Тој нагласи дека сите работници апелираат до банката, да се изнајде решение и побрзо да дојде инвеститор. 

- Како што сум информиран од банката, во финални разговори се со некој инвеститор и се надеваат на потпишување на договор, што е можно побрзо. За да може компанијата да продолжи со работа, нагласи Герасов.  

Тој  додаде дека работниците немаат земено три плати. 

Во изминатиот период, вработените во поранешно ,,Фени" на неколку пати протестираа барајќи фабриката да се врати во живот, нагласувајќи дека со децении таа беше гигант и важен субјект за тиквешката и македонската економија. свд/сст/


Фото : МИА 

Остани поврзан