• понеделник, 23 декември 2024

Работниците во Боинг ја одбија понудата за договор за работа, штрајкот продолжува

Работниците во Боинг ја одбија понудата за договор за работа, штрајкот продолжува

Чикаго, 24 октомври 2024 (МИА) - Работниците на компанијата „Боинг“ гласаа за отфрлање на понудата за договор за работа и за продолжување на штрајкот кој трае повеќе од пет недели. Против договорот, кој предвидуваше зголемување на платите за 35 отсто во следните четири години, гласаа 64 отсто од членовите на синдикатот.

По гласањето, синдикалните лидери изјавија дека се подготвени веднаш да ги продолжат преговорите со „Боинг“ за првиот нов работен договор од 2014 година. Синдикатот бара зголемување на платите за 40 отсто и враќање на пензиската клаузула со дефинирани надоместоци.

Одбивањето на најновата понуда, како што јавуваат странските агенции, претставува голем удар за директорката Кели Ортберг, која ја презеде функцијата во август со ветување дека ќе оствари подобра соработка со работниците од нејзините претходници. Исто така, одбивањето на понудата, откако минатиот месец 95 отсто од работниците гласаа против првиот договор, го одразува долгогодишното незадоволство на вработените.

Повеќе од 30.000 машински работници стапија во штрајк во фабриките на „Боинг“ на американскиот западен брег на 13 септември, прекинувајќи го производството на најпродаваните модели „737 MAX“, „767“ и „777“. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан