Рабије Мурати и Антонио Митриќески добитници на државната награда „Св. Климент Охридски“ (ДПЛ)
- Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието денеска ѝ беше доделена на професор д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста на филмскиот режисер, Антонио Митриќески.
Скопје, 8 декември 2023 (МИА) - Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието денеска ѝ беше доделена на професор д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста на филмскиот режисер, Антонио Митриќески.
Д-р Рабије Мурати е редовна професорка на Универзитетот во Тетово. Таа има напишано неколку научни педагошки книги, помеѓу кои се „Методите на воспитната работа“, „Демократизација на образовните институции во Република Македонија“, „Демократизација на воспитно-образовниот систем во РМ“ и други.
Филмскиот режисер Антонио Митриќески има режирано повеќе филмови помеѓу кои се „Преку Езерото“, „Како лош сон“ и „Деца на сонцето“. Тој напишал три универзитетски учебници за филмот како уметност, книга за теорија и практика на документарен филм и има издадено три збирки поезија.
- Силно верувам дека образованието, науката и уметноста може да инспирираат и да ги поттикнат луѓето да прават големи работи, заради тоа, се надевам дека еден ден во нашата земја ќе се оствари подлабока релација во идентификување на нови начини за вклучување на образованието, науката и уметноста, за подобрување на условите за животот на луѓето, рече Митриќески, заблагодарувајќи се за наградата.
Тој истакна дека е длабоко убеден дека оваа награда ги обврзува нив како добитници да дадат уште поголем придонес и да ги поттикнат идните генерации да опстојат и останат во земјава.
- Да веруваат дека и во нашата земја, со труд и работа во иднина, ќе ги постигнат своите цели, рече тој.
Наградите во Собранието на Република Северна Македонија ги додели Томислав Османли, претседател на Одборот за државната награда „Св. Климент Охридски“. ар/дма/
Фото:МИА