• вторник, 07 април 2026

Пчелари од Делчево и регионот на првиот Саем на пијанечки мед

Пчелари од Делчево и регионот на првиот Саем на пијанечки мед

Делчево, 6 април 2026 (МИА) – Во тек се финалните подготовки за одржување на првиот Саем на пијанечки мед во Делчево, кој ќе се реализира во рамки на манифестацијата „Денови на пијанечкиот мед“, во организација на Здружението „Пијанечка пчела два“, со поддршка на Општина Делчево.

Саемот ќе се одржи на 10 и 11 април, а изложбените штандови ќе бидат поставени во паркот пред Спомен-дом АСНОМ, каде посетителите ќе имаат можност да се запознаат со богатата понуда на мед и пчелни производи од регионот.

Според информациите од организаторите, досега учество на саемот пријавиле околу 15 пчелари од Делчево, како и од поширокиот регион, што укажува на зголемен интерес и потенцијал за развој на пчеларството во источниот дел на државата.

Претседателот на здружението, Јованчо Медарски, информира дека покрај мед и производи од мед, на штандовите ќе бидат изложени и различни видови опрема и алатки неопходни за современо и квалитетно одгледување на пчелни семејства. Како што посочи, саемот претставува можност за размена на искуства меѓу пчеларите, но и за едукација на граѓаните за значењето на пчелите и здравствените придобивки од медот.

Организаторите очекуваат добар одѕив од граѓаните, нагласувајќи дека ваквите настани имаат за цел да ја поттикнат локалната економија, да го промовираат домашното производство и да ја зајакнат свеста за користење природни и здрави производи.

Манифестацијата „Денови на пијанечкиот мед“ се реализира под мотото „Јади го медот како храна за да не го јадеш како лек“, со што се испраќа порака за важноста на медот како дел од секојдневната исхрана и превенција на здравјето. вс/вг/

Фото: МИА
 
 
 

Остани поврзан