• сабота, 23 ноември 2024

Пуштена во употреба нова училишна зграда во Долно Јаболчиште, Општина Чашка

Пуштена во употреба нова училишна зграда во Долно Јаболчиште, Општина Чашка

Велес, 4 септември 2024(МИА) - Во селото Долно Јаболчиште во Општина Чашка денеска беше пуштена во функција целосно новоизградената училишна зграда на подрачното училиште, кое е во рамки на ООУ „Лирија “ од Горно Јаболчиште. Новина е што место до петто одделение,  од денеска со решение од Министерството за образование и наука (МОН), училиштето  станува деветтолетка. Со тоа учениците од шесто до деветто одделение од село Долно Јаболчиште, кои досега патуваа и учеа во училиштето во  Горно Јаболчиште, од денеска веќе учат во своето село, а освен нив во училиштето ќе учат и ученици од Горно Врановци.

- Со тоа од денеска ова училиште во Долно Јаболчиште има над 220 ученици, инфрмира за МИА Јусуф Јашари, директор  на ООУ „Лирија“ во Горно Јаболчиште, кој е директор и на подрачните училишта во Долно Јаболчиште и Горно Врановци.

Тој информира дека училишната зграда со површина од 396 метри квадратни е изградена со средства од МОН и во моментов е едно од најсовремените во земјава. Училиштето е со најсовремено осветлување, затоплување и најсовремени училници со девет електронски табли и целосно нов училишен инвентар. Училиштето има девет училници, три наставнички канцеларии, библиотека и помошна просторија за управителот, магацин,  како и најсовремено опремени тоалети,  како и за учениците со посебни потреби.

Училиштето денеска свечено го пуштија во функција заменик-министерот за образование Лулзим Алиу и градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојанoвски. Стојановски во своето обраќање им посака среќна и успешна учебна година на учениците и наставницитем и најави дека за еден месец во кругот на училиштето, со средства од општината,  ќе изгради и опреми спортски терен за учениците.

Заменик-министерот Алиу истакна дека новиот училишен објект е повеќе од нова зграда.

- Тој е симбол на напредокот, но и наша посветеност да создадеме достоинствено образовно опкружување за нашите ученици. Со овој нов училишен објект, им даваме на учениците нови можности за да ги развиваат своите таленти и да ги следат своите соништа во модерна средина опремена со нов инвентар, како столчиња, клупи и потребни дидактички средства за обезбедување што поквалитетно образование. Еден од нашите главни заложби беше обезбедувањето на учебниците за сите ученици по сите предмети. Денес, со задоволство можам да кажам дека сите основни училишта се снабдени со потребните учебници, за секој ученик да ги има потребните дидактички средства за следење на наставата и за напредок во своето образование, појасни заменик-министерот Алиу.

Во ООУ „Лирија“ во Горно Јаболчиште привршува изградбата на новата најсовремена училишна спортска сала, која исто така денеска ја посети заменик-министерот за образование и наука Алиу со своите соработници. ад/мд/

Фото: МОН и Општина Чашка 

 

Остани поврзан