• сабота, 16 ноември 2024

Путин: Ако Западот и дозволи на Украина да напаѓа со проектили со долг дострел тоа би значело дека НАТО е во војна со Русија

Путин: Ако Западот и дозволи на Украина да напаѓа со проектили со долг дострел тоа би значело дека НАТО е во војна со Русија

Москва, 12 септември 2024 (МИА) – Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека ако Западот и дозволи на Украина напади со ракети со долг дострел на руска територија тоа би значело дека „земјите на НАТО се во војна со Русија“.

- Ако ова одлука биде донесена, тоа би значело директно вклучување на земјите на НАТО во војната во Украина и тоа би ја сменила природата на судирот, истакна Путин.

Тој додаде дека „тоа би значело оти земјите-членки на НАТО се во војна против Русија“.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека неговата администрација „во моментов одлучува“ дали САД ќе ги укинат ограничувањата за Украина за употреба на проектили со долг дострел во војната против Русија.

Неименувани извори минатата недела изјавија дека САД се блиску до договор за испорачување на такво оружје за Украина, но дека Киев ќе мора да почека неколку месеци бидејќи САД мораат да ги решат техничките проблеми пред секоја таква испорака.

Другите сојузници му испорачуваат оружје на Киев, но со ограничувања за тоа како и кога може да се користи во Русија, поради загриженост дека таквите напади би можеле да предизвикаат одмазда што ќе ги вовлече земјите на НАТО во војна или ќе предизвика нуклеарен конфликт.

Британскиот весник „Гардијан“ повикувајќи се на неименувани владини извори денеска објави дека Лондон одлучи да му дозволи на Киев да ги користи ракетите „Сторм шадоу“ за цели во Русија.

Весникот наведува дека одлуката на британската Влада нема официјално да биде објавена во наредните денови.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дебатата за можната употреба на ракетите „Сторм шадоу“ од страна на Киев за напади врз руска територија ја нарече „играње со оган“. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан