ПСК „Осогово“ дел од европскиот самит на Копаоник
- На покана од Центарот за туристичко истражување и развој на планинските центри во Европа, претставници од Планинарско-спортскиот клуб (ПСК) „Осогово“ од Кочани учествуваа на Самитот на планински центри од Централна Европа – MoReSCE 2026, што се одржа од 24 до 26 март на Копаоник.
Кочани, 30 март 2026 (МИА) - На покана од Центарот за туристичко истражување и развој на планинските центри во Европа, претставници од Планинарско-спортскиот клуб (ПСК) „Осогово“ од Кочани учествуваа на Самитот на планински центри од Централна Европа – MoReSCE 2026, што се одржа од 24 до 26 март на Копаоник.
Станува збор за значаен меѓународен настан на кој учество зедоа еминентни експерти, претставници на институции и менаџери на планински центри од повеќе европски држави.
Во фокусот на дискусиите, како што велат од ПСК „Осогово“ беа иднината на планинскиот туризам, актуелните предизвици со кои се соочува секторот, како и можностите за негов одржлив развој.

-Особено значајно е што меѓу учесниците беа и претставници од Македонија – Планинарско-спортскиот клуб „Осогово“ од Кочани и хотел „Осоговски Конак“ од Пониква, кои настапија како единствени поканети делегати од земјава. Тие пред европската публика ги презентираа природните убавини, туристичкиот потенцијал и развојните можности на Осоговските Планини, велат од ПСК „Осогово“.
Во рамки на самитот, додаваат, беа разменети искуства и добри практики, при што посебен акцент беше ставен на одржливиот туризам, инвестициите во инфраструктурата, адаптацијата кон климатските промени и унапредувањето на туристичката понуда во планинските центри.

Од ПСК „Осогово“ посочуваат дека учеството на ваков настан претставува значајна можност за вмрежување и стекнување нови знаења, кои ќе бидат искористени во насока на развој на Пониква и поширокиот регион на Осоговските Планини.
Во наредниот период најавуваат подготовка на детална презентација и конкретни предлози за унапредување на планинскиот туризам, со цел создавање современа, конкурентна и одржлива туристичка дестинација. ис/вј/
Фото: ПСК „Осогово“