• среда, 14 јануари 2026

Проштална средба на Мисајловски и Лафчиски со американската амбасадорка Агелер

Проштална средба на Мисајловски и Лафчиски со американската амбасадорка Агелер

Скопје, 14 јануари 2026 (МИА) - Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска остварија проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

На средбата во Министерството за одбрана присуствуваше и одбранбениот аташе Даниел Скваерс.

Како што информира Министерството за одбрана, за време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиот период соработката со амбасадорката Агелер и со Амбасадата на САД беше на одлично ниво благодарение на кое стратешкото партнерство што го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува.

- По повод завршувањето на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман, што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера. Мисајловски додаде дека од особена важност се улогата и континуираната поддршка од САД за развој на одбранбените капацитети, кои се столбот на мирот и безбедноста на државата, но и на поширокиот регион, што претставува дополнителна придобивка за воспоставениот имиџ на Министерството за одбрана и на македонската Армија во рамките на НАТО и пошироко - стои во соопштението.

Началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски, изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер истакнувајќи дека значителен дел од зацртаните цели во билатералната одбранбена соработка успешно се реализирани за време на нејзиниот мандат.

Генералот ја потенцира и одличната соработка меѓу Армијата и Вооружените сили на САД, која се реализира преку многубројни програми за поддршка во разни области на одбраната, кои придонесуваат за зајакнување на интероперабилноста помеѓу двете армии.

- Еден од најголемите дарови во животот е кога ќе имаш можност, да работиш со луѓе што не само што ти се допаѓаат туку и кои искрено ги почитуваш и од кои учиш. Сакам да нагласам дека со министерот Мисајловски и началникот Лафчиски и со сите ваши соработници имавме можност да работиме заедно на прашања што значат, на прашања што значат за НАТО и за регионот и јас ви се заблагодарувам на сите за поддршката за време на мојот мандат - нагласи амбасадорката Агелер. мд/са/

Фото: Министерство за одбрана 

Остани поврзан