• среда, 27 ноември 2024

Проширувањето на ЕУ во регионот станува безбедносно прашање

Проширувањето на ЕУ во регионот станува безбедносно прашање
Скопје, 8 март 2022 (МИА) – Се поприсутно е размислувањето меѓу земји-членки на ЕУ дека прашањето на проширувањето станува безбедносно прашање. Ние цело време и алармиравме дека тоа не е само прашање на политичко комплетирање на овој политички проект на ЕУ, туку е прашање на безбедносно консолидирање на континентот кое сега се покажува како слаба точка во услови кога ЕУ треба да игра поважна геополитичка улога, оцени вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи. Директорот на Европската иницијатива за стабилност Гералд Кнаус, пак, вели дека ЕУ треба да даде позитивна визија за регионот и до крајот на годината да ги почне преговорите со сите земји од Западен Балкан, а не само да ја игра политиката на движење во круг. - Ако сфаќањето е дека европското проширување е безбедносна компонента тогаш можеме храбро и гласно да збориме дека доколку сакаме да спречиме таков тип на настани како што се случува во Украина треба брзо да се донесат одлуки, а дека тие одлуки треба да почнат од нас. Секоја смена на динамиката во регионот треба да почне од нас, нагласи Османи. Северна Македонија, според министерот, во моментот нема директна закана по безбедноста. – Според наши информации нема кредибилни информации за директна закана и во регионот. Но, имајќи го предвид контекстот и односите меѓу земјите во регионот, отворените прашања, руското влијание е присутно во регионот, регионалните чинители коишто се повеќе се наклонуваат кон национализмот на сметка на европската перспектива, сето тоа дава доволно аргументи за да бидеме внимателни и затоа ние сметаме дека отвореното прашање, блокирањето на пристапниот процес на Северна Македонија и Албанија додава на палетата на отворени прашања во регионот, рече Османи. Тој смета дека охрабрувањето за европската перспектива на регионот ќе придонесе и во безбедносното консолидирање на Европската Унија. Во однос на Бугарија, Османи посочи дека комуницираме со бугарската Влада на политичко ниво. Последната рунда политички разговори, додаде, се случи во Минхен, а предлогот е преку еден сеопфатен протокол да се дефинираат прашањата за деблокирање на нашиот пристапен процес. Елементите на тој сеопфатен протокол, информира тој, треба да се утврдат во наредниот период. Прашан дали ЕУ ги прифаќа бугарските барања, Османи истакна дека ЕУ не е страна во овој процес. – Ова е билатерален спор, на којшто дали ќе се прифати нешто или не, одлучуваме ние и оттука мислам дека не треба да се разгледа ова од перспектива на тоа дека ЕУ и Бугарија можат нешто да се договорат без нас. Ние одлучуваме, Бугарија одлучува, ние сме влезени во едни динамични разговори со цел да ги надминеме овие прашања во интерес на европската перспектива на регонот што сметам дека е од стратешко значење на Бугарија, рече Османи. Тој се надева дека до јуни ќе успееме доколку се најде решение да може да се донесе одлука за започнување на преговори со ЕУ, без да се утврдуваат рокови. Министерот Османи е дециден дека обидот за аналогија на руската агресија во Украина со нашиот спор со Бугарија не оди во наш интерес. Во меѓувреме, директорот на ЕСИ Кнаус, оцени дека Европската Унија треба да прати позитивна визија за регионот, каде што ќе каже дека сите шест земји може да станат дел од оваа зона на стабилноста, во наредните пет години. Во однос на тоа што Унијата треба да направи за Балканот со оглед на случувањата во Украина, тој истакна дека треба да испрати порака дека ќе ги почне преговорите со сите шест оваа година Кнаус во интервју за ТВ Телма вели дека ако се земе предвид дека целосно членство во наредните пет години е невозможно за овие шест земји, затоа што нема согласност за ова во ЕУ, тогаш барем Унијата да им овозможи на оние кои напорно работат, да му се приклучат на единствениот пазар, четирите слободи, да нема граници меѓу Европа и земјите од Балканот. – Тоа ќе биде доволно да ја направи војната незамислива. Ова треба да биде објавено сега. Тогаш лидерите во регионот ќе имаат избор. Дали ќе се заложат за ова или пак, како што некои сега седат на страна, повторно ќе си играат со национализмот од минатото, оцени Кнаус. Во однос на перспективата на Северна Македонија и повторувањето на амбасадорите на ЕУ дека земјава прво треба да го реши спорот со Бугарија, па да почне преговори, Кнаус вели дека Унијата постојано се движи во круг. – Ова е тоа што јас го нарекувам самозадоволни, празни фрази на политиката на ЕУ која е пропадната. Постојано се движиме во круг. Велиме треба да го решите проблемот со Грција. Потоа треба да го решите проблемот Франција, а сега треба да го решавате проблемот со Бугарија. Потоа, кога ќе ги решите сите овие проблеми, ќе може да ги почнете преговорите кои на пример со Турција започнаа во 2005 година. А каде е Турција денес? Ова не е кредибилен предлог. Ако сега ги започнете преговорите нема да се придружите во ЕУ. Зошто луѓето не се искрени? Во моментов ниту една земја која ги почна преговорите по Турција, сега не е поблиску до членството во ЕУ. Затоа кажувањето дека сега е Бугарија и треба да го решите тој проблем, не води до тоа што е всушност проблемот. На пример, Албанија да преговара. Кој ја запира Албанија? ЕУ ја запира Албанија. Кој ја запира Црна Гора, која ги отвори сите поглавја, зошто не е членка?, истакна Кнаус. Според него проблемот е во ЕУ и процесот којшто не функционира. – Мислам дека проблемот стои веќе многу години. Овие игри, кога луѓето доаѓаат во регионот и велат, ние сме ваши пријатели, вие имате европска перспектива и потоа ќе се завртат и луѓето од Брисел велат да, но таа перспектива е дури за 50 години, рече тој. Во однос на иницијативите за брз старт на преговори со Молдавија, Грузија и Украина, Кнаус вели дека тоа не е искрено од ЕУ, затоа што Брисел нема политика за Молдавија, Грузија и Украина. – Јас би кажал да се биде конкретен затоа што ова е миг на голема опасност и ЕУ и нејзините лидери во секоја демократија соочени се со вистинска закана од руската диктатура на Путин. Што треба да направи ЕУ? На секоја демократија треба да и биде понудено нешто што е кредибилно. Интеграција која ќе значи нешто, што ќе ја смени ситуацијата. Не игра, каква што сега игра ЕУ, сега игра со Србија и со Црна Гора. Затоа мислам дека е јасно дека Украина нема да и се придружи на ЕУ. Би сметал дека е добра работа ако ЕУ и додели статус на кандидат на Украина. Но прво ЕУ треба да им даде статус на кандидат на Босна и на Косово, заклучува Кнаус. Вчера во Брисел амбасадорите на земјите-членки на ЕУ постигнаа договор по барањата на овие три земји да поднесат апликација за членство во ЕУ, а сега на потег е Комисијата, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Како што информираа од француската делегација, која претседава со Советот на ЕУ до крајот на јуни, амбасадорите на 27-те земји членки вчера дадоа зелено светло Европската комисија да ги разгледа кандидатурите на Украина, Грузија и Молдавија.

Европската комисија сега има задача да анализира и да објави мислење за евентуалното членство на овие три земји.

Досега Украина, Молдавија и Грузија не беа дел од процесот на проширување, за разлика од Западен Балкан. Со оваа одлука се отвора можност да се промени оваа состојба.

Засега од Европската комисија нема одговор на прашањето дали има рок кога ќе се објави мислењето за кандидатурата на трите источни земји.

Украина е земја во војна, а Молдавија и Грузија се составени од сепаратистички територии, што несомнено ќе го усложни процесот на пристапување кон ЕУ.

Некои земји членки, пред сѐ источноевропските, бараат брза процедура на членство за Украина, но и Грузија и Молдавија, како одговор кон воените дејствија на рускиот претседател, но околу ова нема консензус во ЕУ, каде проширувањето останува чувствителна политика.

За брза процедура на зачленување, дипломатите објаснуваат дека тоа би морало да биде одлучено на ниво на шефови на држави и влади на ЕУ. нд/ац/

Остани поврзан