• понеделник, 23 декември 2024

Професорите Марјан Ѓуровски и Димитар Ташковски избрани за претседатели на oдборите за акредитација и за евалуација на високото образование

Професорите Марјан Ѓуровски и Димитар Ташковски избрани за претседатели на oдборите за акредитација и за евалуација на високото образование

Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Конститутивни седници на новиот состав на одборите за акредитација и за евалуација на високото образование на Република Северна Македонија беа одржани вчера во Министерството за образование и наука, на кои за претседател на Одборот на акредитација во идните четири години е избран проф. Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет на УКИМ, а за претседател на Одборот за евалуација - проф. Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии. 

За заменик-претседател на Одборот за акредитација е избран проф. Куштрим Ахмети, а заменик-претседател на Одборот за евалуација ќе биде проф. Ведије Раткоцери. 

Во Одборот за акредитација има претставници од јавните и приватните универзитети, МАНУ и Организацијата на работодавачите во земјата. Одборот ги утврдува условите за вршење високообразовна дејност, како и капацитетот за студирање на високообразовната установа; донесува решение за акредитација на проектот за основање самостојна приватна или приватно-јавна високообразовна установа и нивните единици.

Согласно Законот за високото образование, Одборот одлучува за акредитација на научна установа за вршење високообразовна дејност на студии од втор и трет циклус на студии; утврдува исполнетост на условите за организирање  студии за нови студиски програми на високообразовната установа; одлучува за акредитација на ментори на докторски студии и врши други работи утврдени со Законот за високото образование.

Одборот за евалуација на високото образование, пак, е колективно стручно тело кое ја следи дејноста на високообразовните установи на кои им е дадена акредитација и решение за почеток со работа.

Го оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручна работа на академскиот кадар на високообразовните установи, а посебно на нивните студиски програми (согласно со прифатените стандарди и постапки на водичот кои се применуваат од Европското здружение за обезбедување  квалитет во високото образование) и врши други работи утврдени со Законот за високото образование. хс/ев/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан