• недела, 22 декември 2024

Професионален војник под истрага за примање поткуп

Професионален војник под истрага за примање поткуп

Скопје, 20 мај 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена од Волково, бидејќи постои основано сомнение дека сторила кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти ОЈО, осомничената, на 18 и 19 мај, како професионален војник, директно побарала и примила парични средства, за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

Парите ги побарала од нејзин колега, исто така професионален војник во Армијата на РСМ, за да му „помогне“ при изборот на јавно објавениот конкурс за прием на офицери.

По објавување на првичната и во очекување на конечната листа на кандидати, осомничената го контактирала колегата и му кажала дека може да му помогне за тој да ги исполни условите за да биде избран за офицер, стои во соопштението.

Но, за тоа побарала тој да плати 3.000 евра, кои наводно таа ќе ги проследи до лице кое има влијание при изборот. На 19 мај тие се сретнале во кафе бар, при што осомничената уште еднаш потврдила дека ќе ги прими парите. Заедно се упатиле кон нејзиниот автомобил каде војникот и предал 2.400 евра претходно криминалистичко-технички обработени. Веднаш потоа осомничената била лишена од слобода.

Бидејќи особени околности укажуваат на тоа дека осомничената ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, а постојат и особени околности кои што го оправдуваат стравот дека осомничената ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот издаде наредби со цел да се испита инволвираност и на други лица во настанот. нд/

 

Остани поврзан