• сабота, 09 ноември 2024

Протест на оризопроизводителите од Кочанско: На пописот ќе се изјасниме како робови, оти никој не води сметка за земјоделците

Протест на оризопроизводителите од Кочанско: На пописот ќе се изјасниме како робови, оти никој не води сметка за земјоделците
Кочани, 21 септември 2021 (МИА) - Оризопроизводителите од кочанскиот регион денеска со земјоделска механизација во селото Облешево го блокираа магистралниот пат Кочани - Штип, изразувајќи го незадоволството од ниските откупни цени на арпата и белиот ориз. Иако беше најавено дека ќе биде со блокирана само едната коловозна лента, со наизменично пропуштање на возилата од двата правца, кратко по почетокот на протестот земјоделците целосно го запреа сообраќајот на двете ленти, при што на асфалтот истурија и оризова арпа. - Излегуваме со барања оризовата арпа да не се откупува под 25, а белиот ориз под 50 денари за килограм, што неколку пати се доставувани и до Министерството за земјоделство и до премиерот. За жал, ниту сме повикани, ниту е разговарано со нас. Репроматеријалите за производство се поскапени и до сто отсто, а откупните цени не достигнуваат ниту 18 денари од килограм арпа. На гласање за изборите нема да излегуваме, а на пописот ќе се изјасниме како робови, ние сме робови во сопствената држава, затоа што никој не води сметка за нас, истакна Здравко Арсов, член на организацискиот одбор на протестот. Присутните на протестот истакнаа дека околу десет илјади граѓани од кочанскиот регион егзистенцијата ја обезбедуваат со производството на ориз, но поради крајно неповолните цени по кои се откупува, ќе бидат во загуба, а минатогодишната реколта сè уште не им е продадена. - Ја предупредуваме Владата дека ако не се најде решение за проблемот, земјоделците сами ќе преземат одговорност и ќе има секојдневни блокади на патот. Во моментот килограм бел ориз се откупува колку што чини еден леб, со што не се покриваат ниту трошоците за производство. Ова е мирен, народен протест, со кој бараме средба со надлежните за да се дојде до надминување на состојбата, истакна Стојче Ташовски, земјоделец од Облешево. Ако не се најде брзо решение за покачување на откупните цени, земјоделците се заканија дека нема да ја реализираат овогодишната жетва на оризот, што треба да почне за десетина дена. Освен тоа, размислуваат од следната сезона, наместо ориз да посеат други земјоделски култури. та/ки/

Остани поврзан