• вторник, 24 декември 2024

Протестот на жителите од Сирково ставен во мирување по средбата со министерот Бочварски 

Протестот на жителите од Сирково ставен во мирување по средбата со министерот Бочварски 
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) - Протестот на жителите од село Сирково е ставен во мирување по денешната средба во Скопје со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Протестот започна во понеделникот, со блокада на патот кон селото, а се бара приклучок кон брзиот пат Градско-Прилеп и целосно асфалтирање на приодите кон селото оштетени со градбата на патот, откако ќе заврши неговата изградба. Веле Коцев, претседател на месната заедница која  има над 500 жители, информираше за МИА дека денеска имале средба со министерот Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и претставници на МВР. - Договорено е протестот да биде ставен во мирување. Прифатено е нашето барање за асфалтирање на приодите кон селото по изградбата на патот. Има расположение да се реши и проблемот со обезбедување на приклучок до брзиот пат, но за тоа ќе почекаме неколку дена, за да се согледа изводливоста на тој зафат и потребата од финансии за тоа. Ќе имаме повторна средба, соопшти Коцев. Како што МИА објави во понеделникот, тие што протестираа рекоа дека за сите претставува проблем тоа што нема приклучок кон новиот пат. - Ако нема приклучок, ќе мораме да вртиме петнаесетина километри до Градско. Ако не се реши проблемот, ние за жал ќе останеме да го гледаме на околу двеста метри патот, а нема да можеме да го користиме. За Скопје, ќе мора да одиме преку Градско, а за Прилеп преку Дреново, а и до таму имаме тринаесетина километри. Приклучокот или ,,петлето" што беше планирано тука, подоцна го префрлија во село Крушевица кое е со неколку жители, појаснија тие. Коцев претходно изјави дека овој проблем е актуелен уште од 2015-2016 година.  свд/цр    

Остани поврзан