• вторник, 24 декември 2024

Протести во Франција против воведување ковид сертификати

Протести во Франција против воведување ковид сертификати
Париз, 22 јули 2021 (МИА) - Стотици луѓе синоќа протестираа во Париз против воведувањето ковид сертификати  за одредени активности и против задолжителните вакцини за здравствените работници.
Од средата, посетителите на музеи, кина и базени во Франција мора да покажат ковид сертификат со кој се докажува дека се вакцинирани против коронавирус или имаат негативен тест.
Некои од демонстрантите вееја знамиња на кои пишуваше „Слобода на избор“ и „Прстите подалеку од мојот природен имунитет“.
Ковид сертификатот, кој претходно беше потребен само за фестивали со голем број луѓе и клубови, од август ќе биде потребен за влез во ресторани и барови, патувања со возови и авиони.
Во музејот „Лувр“ во Париз, шефот за безбедност Сервана де Ландшир изјави дека првото утро со новите мерки поминало во најдобар ред, бидејќи повеќето посетители имале ковид сертификат, додека оние кои немале, направиле брз антигенски тест.
Министерот за здравство Оливие Веран рече дека гледачите или посетителите, откако ќе бидат проверени дека се целосно вакцинирани или имаат тест кој е негативен, тогаш ќе можат да ја тргнат маската.
Веран истакна дека „вирусот се шири со молскавична брзина“, поттикнат од брзото ширење на варијантата Делта.
Француската Влада го претстави нацрт-законот, со кој вакцинацијата се прави задолжителна за негувателите и медицинскиот персонал и со кој се проширува употребата на здравствениот пасош.

– Влеговме во четвртиот бран, рече портпаролот на владата Габриел Атал.

За 24 часа се евидентирани 18.000 нови случаи, што претставува зголемување на циркулацијата на вирусот од околу 150 отсто во текот на една недела.

Премиерот Жан Кастекс на првиот француски телевизиски канал ТФ1 вчера изјави дека се неопходни поостри мерки поради ширењето на заразниот Делта сој, кој доминира во Франција, и дека нови затворања не се исклучени.

За законот, кој го опфаќа ковид сертификатот и други мерки, Парламентот ќе гласа на оваа недела. Со законот ќе се воведат некои најстроги епидемиолошки мерки во Европа, како што се задолжителна вакцинација за здравствените работници и десетдневна самоизолација за луѓето со позитивен тест. Целта во моментов во Франција е до крајот на јули да има 40 милиони први инјектирани дози на вакцини. Во моментов една доза примиле 38,1 милион жители. паг/
 

Остани поврзан