• понеделник, 23 декември 2024

Протести во Израел поради реформата на правосудниот систем

Протести во Израел поради реформата на правосудниот систем

Тел Авив, 4 мај 2023 (МИА) – Противниците на контроверзните правосудни реформи денеска ги блокираа улиците и раскрсниците во Тел Авив и другите градови со цел да го засилат притисокот врз пратениците пред денешната седница на Кнесетот, прва по едномесечна пауза.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху ја пролонгира имплементацијата на реформите по масовните протести, кои се одржуваат секоја сабота навечер.

Демонстрантите протестираа и пред домот на израелскиот претседател Исак Херцог и министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир

Денешниот протест против судската реформа прерасна и во револт поради зголемените трошоци за живот, а учесниците побараа и ултраортодоксните Евреи да бидат ослободени од воена служба.

Полицијата соопшти дека е уапсен еден демонстрант.

Планот за судски реформи на најдесничарската влада во историјата на Израел ја втурна земјата во една од нејзините најтешки внатрешни кризи.

Со реформата е предвидено владејачката партија да може назначува судии, а Кнесетот ќе може да поништува одлуки на Врховниот суд. Противниците тврдат дека реформата е со цел да се заштити Нетанјаху, кому му се суди за корупција. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан