• четврток, 26 декември 2024

Пронајдени нервни клетки кои помагаат во проодување по парализа

Пронајдени нервни клетки кои помагаат во проодување по парализа

Лозана, 10 ноември 2022 (МИА) - Научниците од Истражувачкиот центар Неврорестор при Универзитетот на Лозана во Швајцарија, идентификуваа група нервни клетки што им помагаат на пациентите со парализа - повторно да можат да стојат и одат.

Овие нервни клетки, или неврони, наречени „Ве-ес-екс-2“, ги има во 'рбетниот мозок и, се наведува, имаат клучна улога во обновувањето на моторната функција по повреда на 'рбетот. Во клиничкото испитување учествувале девет испитаници. Џордан Сквајр, еден од научниците, одговорен за регенеративните терапии за нови неврохируршки третмани, смета дека ова го отвора патот кон повеќе насочени третмани за пациенти со парализа. - Сега можеме да целиме кон манипулација со овие неврони за да го регенерираме 'рбетниот мозок, вели тој. Третманот под назив епидурална електрична стимулација - ЕЕС вклучува вградување на мал уред над заштитната обвивка на 'рбетниот мозок. Истражувањата покажале подобрувања во подвижноста по пет месеци третман и рехабилитација. - Нашата нова студија, каде што девет пациенти од клиничкото испитување можеа да обноват одреден степен на моторната функција, благодарение на нашите импланти, ни дава значаен увид во процесот на обнова на невроните на 'рбетниот мозок, изјави Џоселин Блох, неврохирург во Универзитетската болница во Лозана и една од истражувачите во овие испитувања. Авторите извршиле и низа експерименти на глувци за точно да ги утврдат невроните поврзани со стоењето и одењето по парализа. Така, се вели, невроните „Ве-ес-екс-2“ - подмножество на групата неврони „Ве-2-а“, се поврзани со повторното одење по парализа. Кога ги деактивирале овие неврони кај глувците со повреда на 'рбетниот мозок, заморчињата престанале да одат. Но, кога истиот експеримент бил направен на здрави глувци, тој немал никаков ефект.  си/сд/

Остани поврзан