• среда, 25 декември 2024

Промоција на хибридната инклузивна сликовница „Шарени ириси“

Промоција на хибридната инклузивна сликовница „Шарени ириси“

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Во рамки на првото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“ вечер ќе биде промовирана новатата хибридна инклузивна сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука „Шарени ириси“, во издание на „Арс Ламина“. Tекстот е на Јована Матевска Атанасова, а за акварелните илустрации се погрижи Симонида Филипова Китановска.

Сликовницата е и за лица со оштетен вид, како и за нивните семејства, а ќе им биде достапна преку Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ - Скопје и преку ресурсните центри за лицата со оштетен вид. 

Промоцијата ќе биде проследена со изложба на илустрациите од книгата. Промотори ќе бидат уредничката Оливера Ќорвезироска и ликовниот куратор Љупчо Маленко.

- Објавувањето на ова хибридно инклузивно издание на кирилско писмо и на Брајова азбука, „Шарени ириси“, е дел од нашата мисија да ги доближиме книгите до сите читатели, вклучувајќи ги и слепите лица и лицата со оштетен вид. Со ова, истовремено сакаме да ја зголемиме свеста за нивните потреби за достапност на квалитетни книжевни дела. Голема благодарност до Мите Стефоски и Мирослав Размоски и печатницата „Тифлографика“ од Струга, кои го препознаа значењето на овој проект и на професионален и стручен начин ги испечатија страниците со Брајовата азбука. Со објавувањето на изданието, се вклучуваме во одбележување на двестегодишнината од креирањето на Брајовата азбука. Со „Шарени ириси“ ја прошируваме нашата понуда на инклузивни сликовници и книги за деца и потсетуваме дека секој заслужува да има пристап до литературата, вели Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

 „Шарени ириси“ беше наградена со две признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) во рамки на Саемот на книгата. Освои второ место во категориите: Најкреативно издание и Поттикнување на општествена одговорност. мч/дма/

фото: „Арс Ламина“
 

Остани поврзан