• четврток, 04 декември 2025

Промоција на стихозбирката „Хотел за мртви“ од Лана Деркач

Промоција на стихозбирката „Хотел за мртви“ од Лана Деркач

Скопје, 17 ноември 2025 (МИА) - Во бифето на Младинскиот културен центар ‒ Скопје вечер ќе биде одржана промоција на стихозбирката „Хотел за мртви“ од Лана Деркач, што од хрватски ја препеа Славе Ѓорѓо Димоски, а изданието со поддршка на Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска го објави ПНВ Публикации од Скопје.

Книгата низ разговор со авторката ќе ја промовира Јулијана Величковска.

-Можеби оваа свесна погрешна интерпретација на патоказите е најдобриот опис на поезијата на Лана Деркач, но и на поезијата воопшто. Таа не го води јазикот по очекуваните патишта, туку се труди да најде нови, па дури и кога оди во веќе препорачаната насока, се обидува да го протолкува на нов начин. Затоа нејзината поезија толку успешно се спротивставува на времето, и истовремено е и препознатлива и свежа. За тоа сведочи и оваа стихозбирка, којашто зад мрачните конотации на насловот, сепак, нуди значителна количина бодрост, од Ујевиќовата коцка и прочистувачкиот дожд, па наваму, вели Давор Иванковац.

Лана Деркач (Пожега, 1969) пишува поезија, проза, драми и есеи. Застапена е во земјата и во странство во многу антологии, панорами и зборници. Учесничка е на бројни меѓународни поетски фестивали и разни книжевни настани, како што се Струшките вечери на поезијата, Светско поетско читање во Кула Лумпур, Меѓународниот поетски фестивал и марш во Валонија“, Брисел, Меѓународниот поетски фестивал во Никарагва, Меѓународниот поетски фестивал во Стокхолм и други. Нејзини текстови се преведени на 20 јазици. Добитничка е на повеќе книжевни награди, меѓу кои хрватската книжевна награда „Здравко Пуцак“, наградата „Духовно храшче“, наградата „Винум ет поета“ (Vinum et poeta) и наградата „Ристо Ратковиќ“ за најдобра стихозбирка во Црна Гора, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Уредила две поетски панорами. Објавила дузина збирки поезија, три збирки раскази, збирка драми, збирка есеи и роман во Хрватска, како и книги во: Мексико, Белгија, Тунис, Црна Гора и Македонија.свс/са/

Фото: МКЦ

Остани поврзан