Промоција на социјалното претприемништво
- Во рамки на проектот „SEED – Проект за развој на образование за социјалното претприемништво 1“, во СУГС „Раде Јовчевски- Корчагин“- Скопје денеска ќе се одржи настан за промоција и поддршка

Скопје, 6 мај 2022 (МИА) - Во рамки на проектот „SEED – Проект за развој на образование за социјалното претприемништво 1“, во СУГС „Раде Јовчевски- Корчагин“- Скопје денеска ќе се одржи настан за промоција и поддршка на социјалното претприемништво.
Како што информираат од АРНО - здружение за социјални иновации, идејата на настанот е да ги повика сите поддржувачи на социјалното претприемништво преку симболичен гест - садење на еко-картички од кои расте цвеќе пркос, да се обратат на присутните и да ги посадат заедно семињата на социјалното претприемништво. Во проектот се вклучени 40 ученици и професори од Литванија, Хрватска и Северна Македонија.
Покрај садењето на картичките, предвидени се мини креативни работилници и забава и едукација преку магионичарски еко-настап.
Како дел од настанот предвидени се кратки обраќања на Ирина Јаневска од АРНО, Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Драган Арсовски, директор на училиштето, Барбара Садовска, тим лидерка на ЕУ проектот „Поттикнување на социјалното претприемништво“, Кристиан Шопов, еко-магионичарот и поранешен ученик во СУГС „Раде Јовчевски- Корчагин“, професори и ученици од трите училишта од Северна Македонија, Литванија и Хрватска. фф/сп/